Македонија
17. August 2015 - 15:23

Мегународна ликовна колонија „Куманово 2015" во комплексот Пелинце

Во комплексот Пелинце утре почнува 41. Меѓународна ликовна колонија „Куманово 2015“ на која ќе учествуваат 13 уметници од Македонија, Србија, Бугарија, Романија и Босна и Херцеговина. Изложбата и годинава ја организираат НУ Музеј Куманово и општина Куманово.

Од општина Куманово информираа дека уметниците ќе творат до 28 август годинава.

- Станува збор за една од најстарите ликовни колонии со над 40- годишно постоење,  изјави Жика Крстевски, член на советот на колонијата од општина Куманово.

Годинава нема да има свечено отварање, но во текот на десетдневната колонија организаторите и медиумите ќе имаат можност да го проследат творењето на уметниците.

Колонијата „Куманово 2015“ се вбројува во најстарите ликовни манифестации во државата. Интернационална по својот карактер, колонијата се одржува од 1974-та година на различни локации, почнувајќи од манастирот Прохор Пчињски, манастирот во Матејче, а последниве години во комплексот Пелинце.

Изработените дела прво ќе имаат можност да ги проследат кумановци на изложба во чест на Денот на ослободување на Куманово, по што ќе бидат изложени во галерии во другите градови. Изработените дела од годинешнава колонија, како и од претходните, ќе бидат изложени и во простории на неколку институции. Во музејот и во општината од сите досега одржани колонии има над 1.000 уметнички дела.