Македонија
8. April 2020 - 16:35

Меѓународниот ден на ромите - во Прилеп поделени 330 хуманитарни пакети

Ромите во Македонија за жал се уште се чувствуваат како граѓани од втор ред и не ги уживаат сите права еднакво како и останатите, треба уште многу да се работи на подобрување на нивната социјална инклуција, здравствените услуги кои ги добиваат, како и образованието, вели советникот од ромска националност Сами Ајдини., во Општина Прилеп. По негова иницијатива веќе 6-та година по ред денеска на Меѓународниот ден на Ромите пред зградата на Општината се подигна ромското знаме.

„Сакаме да бидеме еднакви во општеството како и другите. Поголемо вработување, пред се мислам на лицата кои што навистина заслужуваат да бидат еднакви во администрацијата, соодветно третирани и лицата кои се веќе на работните места и да се реши нивниот статус врз основа на добивање на решение. Ние имаме во Владата еден министер кој што е без буџет, без ресор“, вели Сами Ајдини, советник во Општина Прилеп.

Ајдини вели дека не само во Прилеп, туку и во другите градови треба да се работи на подобрување на инфраструктурата во населбите каде живеат Ромите.

„Луѓето живеат во субстандардни услови и ќе се трудиме во иднина на тие лица да им доставиме питка вода за пиење, да се подобри инфраструктурата, освен патната инфраструктура и уличното осветлување, да имаат пристап еднаков до паркови и зеленило, зимските денови да немам фекалии, да немам толку депонии и ѓубре“, додаде Ајдини.

Во организација пак на Општина Прилеп денеска во ромската населба Тризла се организираше хуманитарна акција.

„Ќе им бидат доделени хуманитарни пакети со намирници, со храна и дезинфекциони средства и средства за хигиена. Уште еднаш да покажеме дека сите сме еднакви“, кажа Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Поради состојбата со корна вирусот прославата по повод 8 април изостана во сите градови во Македонија.

„Дел од средствата што беа предвидени за прославата за 8 април, во соработка со Црвен крст ќе се пренаменат за помош на социјално ранливите категории на граѓани Роми“, истакна Кашмиир Салииу, Демократскии силии на ромите од Гостивар.

Честитки по повод Меѓународниот ден на Ромите денеска упати највисокиот државен врв и лидерите на политичките партии. Меѓународниот ден на Ромите, 8 април официјално е прогласен во 1990 година  на Светскиот конгрес на Меѓународната унија за Ромите во Полска. А во 1971 година на првиот светски ромски конгрес во Лондон е потврдено дека Ромите имаат свое знаме, химна, јазик, култура и официјално се нарекуваат Роми.