Македонија
13. јуни 2018 - 16:39

Меѓународната заедница го поздрави договорот и лидерството

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш го поздрави договорот меѓу Скопје и Атина за решавање на спорот за името и се надева дека ќе биде пример и за други земји кои имаат спорови.

- Генералниот секретар на ОН ги повикува граѓаните на двете држави да се обединат за да се придвижи процесот, изјави Стефан Џарик, портпарол на Гутереш.

Честитки до премиерите на Македонија и Грција упатија и од Стејт департментот. Од таму изјавија дека САД е подготвен да го поддржи овој договор и се заблагодарија на медијаторот Метју Нимиц кој повеќе од 2 децении работеше на изнаоѓање решение.

-Решението ќе биде од корист за двете земји и ќе ги зајакне регионалната безбедност и напредокот. Премиерите Заев и Ципрас покажаа визија, храброст и упорност во изнаоѓање на заемно прифатливо решение, изјави портаролката на Стејт департментот Хедер Нуерт.

За британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон фантастична вест е дека премиерите Заев и Ципрас постигнаа договор за прашањето за името.

- За ова е потребно лидерство и политичка храброст. Ги охрабрувам сите политички лидери во двете земји да ги препознаат бенефитите што ќе ги донесе решавањето на ова долгогодишно прашање, напиша Џонсон на Твитер. 

Според Британскиот амбасадор во земјава Чарлс Гарет договорот ќе го отвори патот на Македонија кон евроатланските интергации.

-Чарлс Гарет, Амбасадор на Велика британија во Р. Македонија.

Шефот на Руската дипломатија Сергеј Лавров се надева дека договорот за новото име на Македонија ќе биде во интерес на Атина и Скопје и дека ќе го подржат граѓаните на двете земји.

- Секогаш нагласувавме дека се залагаме за пронаоѓање договор за тој проблем, без мешање однадвор, без поставување на одредени вештачки услови, изјави Лавров во Москва на заедничката прес конференција со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас.

Постигнатиот договор за решавање на спорот за името постигнат меѓу премиерите на Македонија и Грција го поздрави и генералниот секретар на Советот на Европа Торбјорн Јагланд.