Македонија
1. April 2016 - 13:58

Mеѓународна работилница за управување со отпад во Битола

Центарот за развој на пелагонискиот плански регион-ЦРППР, претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање и грчката компанија „Енвироплан“ денеска во Битола одржаа работилница за подготовка на потребни документи за воспоставување интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад.

Според Кристос Цомпанидис, главен координатор на проектот, нема пречки за да се пренесат искуствата од Грција, Турција, Романија, Бугарија и Кипар поврзани со управувањето со отпад и да се спроведат во четири плански региони во Македонија.

- Со овој проект ќе бидат подготвени сите фази и активности потребни за воспоставување стабилен систем за управување со цврстиот отпад во пелагонискиот регион. На крајот од овој проект ќе се обезбеди систем што ќе биде еколошки остварлив, а тоа е основа за да биде изграден. Соработката ја остваруваме со министерството и локалните власти и задоволни сме од таа соработка, истакна Цомпанидис.

Емилија Ѓероска, раководител на Центарот за развој на пелагонискиот регион истакна дека за решавање на проблемот со отпадот работат од 2011 година и додаде оти активно го координираат и помагаат процесот до конечно консензуално решение и едуцирана одлука.

- Со средства обезбедни од ЕУ до крајот на 2017 година ќе се изработат повеќе стратешки документи, се со цел во пелагонискиот регион да се понуди најдоброто решение за справување со отпадот на регионално ниво. Ќе изработиме три различни решенија-сценарија за тоа како да се врши управувањето со отпад, а потоа Советот за развој на пелагонискиот регион ќе избира најдобра одлука. Потоа ќе се објави јавна набавка и конечно да се реши проблемот со депониите во регионот, истакна Ѓероска.