Македонија
13. November 2017 - 13:11

Меѓународна работилница „Превенција на корупцијата, судир на интереси и заштита на укажувачите“

„Превенција на корупцијата, судир на интереси и заштита на укажувачите“ е темата на меѓународната работилница што денеска и утре во Скопје ќе се одржи во организиација на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), во соработка со инструментот TAIEX на Европската комисија, и во партнерство со Антикорупциската агенција на Република Италија.

Претседателот на ДКСК Игор Тантуровски смета дека нема потфрлања во делот на справување со корупцијата во делот на превенцијата од копрупција.

- Нашата заложба и нашиот дел во превенција против корупцијата во најдобар дел се исполнува. Борбата со корупцијата никаде не престанала, исто како и во нашата држава. Тоа е едно современо зло каде што корупцијата секогаш се јавува и на пониско, но и на повисоко ниво. Нашите заложби се да се дојде до оној степен каде корупцијата ќе биде на најниско можно рамниште и да се дестимулира тоа зло, рече Тантуровски.

Слаѓана Тасева, претседател на невладината „Транспаренси Интернешенел Македонија“, оцени дека се уште е рано да се каже дека почнува било што да се подобрува во делот на борбата против корупцијата, посочувајќи го извештајот на Прибе каде беше кажано дека  за ова прашање треба посебен извештај и планирање на посебни мерки.

- Со корупцијата имаме многу сериозен проблем, а особено сериозен проблем имаме со борбата против корупцијата, начинот на координираност и постапување на институциите што треба да се борат со корупцијата и синдромот на заробена држава, што всушност оневозможува ефикасност во борбата против корупцијата. И затоа мислам дека сега треба сите, првенствено Владата и сите институции да ги зајакнат сите можни активности за ослободување на системот за борба против корупција од сите стеги што оневозможуваа да се води борбата против корупцијата, вели Тасева.

Лука Трифоне од Антикорупциската агенција на Република Италија истакна дека е многу важна соработката на Италија и на земјите од ЕУ со државите од Западен Балкан како во однос на размена на искуствата во борбата против корупцијата, така и во делот на заемното запознавање со очекувањата и потребите во однос на работата на овој план, што нагласи било потенцирано и на Атикорупцискиот самит во Трст.

- Препораките за државите треба да се соодветно креирани според нивните потреби бидејќи на секоја земја и се потребни различни решенија. Италијанската Антокорупциска агенција е целосно подготвена да соработува со македонските власти на борбата против корупцијата. Нема земја која е имуна на корупција бидејќи таа е својствена на човечкото битие. За разлика од други земји станавме малку посвесни за проблемот и користиме механизми кои спечуваат луѓето да корумпираат и да бидат корумпирани, рече Трифоне.  

Денешната конференција во Скопје е продолжение на конференцијата во јули на самитот во Трст одржана како дел од Берлинскиот процес за борбата против корупцијата и превентивните мерки против оваа појава. Заклучоците од денешната конференција на која учествуваат претставници од Словенија, Шпанија и Италија како и од релевантните тела од Западен Балкан, ќе бидат составен дел на Берлинскиот процес.