Македонија
23. September 2016 - 13:58

Меѓународна младинска конференција „Европски вредности за иднината на земјите од ЈИЕ“

Од денеска до 26 септември во Крушево се одржува 14. Меѓународната Младинска Конференција „Европски вредности за иднината на Југоисточна Европа". 

Конференцијата е во организација на Младинскиот сојуз-Крушево и Фондацијата Фридрих Еберт, канцеларија Скопје, и е поддржана од Пактот за стабилност за Југоисточна Европа, финансиран од страна на Германија.

Оваа година, шеесетина активни млади лидери од 16 земји -Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Франција, Германија, Грција, Косово, Црна Гора, Италија, Полска, Романија, Србија, Словенија и Турција, ќе се сретнат во Крушево за да ги продискутираат начините на кои младите лидери можат да го поддржат интегративниот процесот на земјите од Југоисточна Европа.

Главната цел на Меѓународната младинска конференција е поддржување на млади и посветени лидери за секој ден да работат на Европска иднина на регионот. Покрај тоа, овој настан има тенденција да ги промовира европските вредности меѓу нив и восприемање на истите, како систем на вредности во нивните општества. Резултатите од конференцијата ќе бидат конкретни препораки и предлози за промоција на европските вредности преку активните млади лидери во регионот на ЈИЕ.

Младите лидери ќе имаат можност да дискутираат на темите „Од Југосфера да Еуросфера“ со поранешниот претседател на Република Хрватска, Стјепан Месиќ, „Начини за подобрување на транспарентноста и борбата против корупцијата во земјите од Југоисточна Европа“ со Јета Џара, директорка на БИРН Косово и Ленче Ристоска, портпарол и обвинител во канцеларијата на Специјалното јавно обвинителство, „Младинската емиграција и одлив на мозоци" со Едита Мифтари, од Одлив Мозгова, „Глобална Британија и безбедноста и стабилноста во земјите од Југоисточна Европа" со британскиот амбасадор во земјата Чарлс Едмунд Гарет.