Македонија
23. November 2017 - 8:49

Меѓународна конференција за управување со отпад

„Вмрежување на Македонија во светските трендови за управување со цврстиот отпад“ е темата на меѓународната конференција што ќе се одржува денеска и утре во Скопје, во организација на Македонска асоцијација за управување со отпад (МаСВА).

На конференцијата што е дел од твининг-проектот финансиран од ЕУ за управување со отпад (MK 12 IB EN 02), ќе бидат претставени актуелните состојби со управувањето со отпадот во земјава, како и домашните компании, експерти и здруженија кои работат во оваа област.

Првата сесија е посветена на прашањето како да се стигне до достапните фондови на ЕУ

Најавени се обраќања на ресорниот министер, за животна средина и просторно планирање Садула Дураку, како и на  раководителот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Скопје Никола Бертолини.

Покровители на конференцијата се Министерството за животна средина и просторно планирање и Делегацијата на ЕУ во Република Македонија.  

На конференцијата и претходи тренинг-сертификациски програм за квалификации на експерти во управување со отпад. Програмата за сертификација е дизајнирана да обезбеди меѓународно признат сертификат за индивидуални професионални менаџери за управување со отпад врз основа на нивните академски достигнувања и работното искуство. Опфаќа четири нивоа на експертиза: техничко, интермедијално, напредно и интернационално.  Евалуацијата ја вршат светски експерти во областа за управување со отпад.