Македонија
18. November 2015 - 13:09

Меѓународна конференција за интервентна епидемиологија

Експерти од 25 земји од областа на интервентната епидемиологија од Медитеранскиот и Црноморскиот регион денеска присуствуваа на првата меѓународна конференција на MediPIET (Медитеранска програма за интервентна епидемиологија), чиј домаќин е Институтот за јавно здравје на Република Македонија, а организатор Институтот за здравје Карлос III, од Шпанија.

Директорот на македонскиот Институт за јавно здравје Шабан Мемети, порача дека Македонија на отворањето на програмата во септември 2014 година била избрана да биде домаќин на тренинг центар форумот, како и да претседава со него во првите години. - Преку моето претседавање почувствував колку е важна комуникацијата, размената на искуства и да бидеме обединети во борбата против заканите на човештвото, порача тој.

Оваа конференција, продолжи Мемемти, нуди можност експерти од различни земји и култури и здравствени системи да се запознаат едни со други, да разговарат и разменат искуства, бидејќи главниот метод на MediPIET програмата е меѓусебна соработка и олеснување на комуникацијата преку учење.

- Програма како MediPIET е повеќе од потребна за земја како Македонија. Бидејќи инфекциите и болестите не познаваат граници, има постојана потреба за набљудување и проценка на ризикот за обезбедување на силна линија на одбрана за сите нас, медитерански и европски земји. Треба да го зборуваме истиот јазик и да користиме иста методологија во борбата против заразните болести за што се потребни постојани тренинг програми, рече Мемети.

Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија Аиро Орав, на отворањето на конференцијата порача дека MediPIET е регионална иницијатива финансирана од ЕУ со цел да помогне за подобрување на здравството во средоземниот регион и градење капацитети за спречување и контролирање на заканата од заразни болести.

- Бегалската криза повторно го истакна значењето на регионалната соработка и вмрежување за зајакнување на здравствената безбедност. Оваа конференција за размена на информации, искуства и практики е најдобра алатка за спречување и ублажување на ефектите од прекугранични епидемии, рече Орав.

MediPIET е проект финансиран од Европската унија во рамки на иницијативата на CBRN центри за извонредност, што го го  води конзорциумот FIIAPP-ISCIII, со научно раководство на ECDC. Во проектот кој стартуваше во 2012 година се вклучени повеќе од 25 земји од Медитеранскиот регион и дел од земјите  од Црноморскиот регион, и ќе трае до 2017 година. MediPIET е дизајниран за да ја подобри безбедноста во здравството во регионот на Медитеранот преку поддршка за градење на капацитети за спречување и контрола на природни или вештачки закани по здравјето предизвикани од заразни болести и други ризици и создавање Програма за одржлива обука на полето на интервентната епидемиологија.

Република Македонија, преку Институтот за Јавно  здравје на РМ е избрана како  еден од четирите пилот-центри за  обука  на професионалци од областа на интервентната епидемиологија.  Целта на  MediPIET е создавање на стручен кадар на доктори од областа на интервентната епидемиологија преку двегодишна тренинг програма, но и тренинг курсеви за континуирана едукација на епидемиолози и доктори.