Македонија
1. December 2016 - 12:28

Меѓународна конференција „Нутрикон 2016“ во Скопје

Квалитетот и безбедноста на храната, здравјето и нутриционизамот се главни теми на меѓународната конференција „Нутрикон 2016“, што денеска и утре се одржува во Скопје.

Претседателот на „Нутрикон 2016“ Владимир Какуринов рече дека конференцијата на едно место ги собира лекарите, стоматолозите, нутриционистите, прехранбените технолози и инжинери, кои зборуваат секој од свој аспект за храната, здравјето и нутриционизмот.

- Ова е трета меѓународна конференција и е единствен настан каде на една тема повеќе професии дискутираат и се прашуваат за прашања од областа на храната. Интересот со годините е се поголем. Нашата цел е што повеќе македонската наука да биде присутна и видена во меѓународни рамки. Што повеќе нашите луѓе да се поврзуваат со луѓето во странство, да работат на заеднички проекти и да бидат вклучени во европски проекти, рече Какуринов.

Посочи дека годинашната конферценија се фокусира на се што има врска со човечкото здравје од аспект на храната, нутриционизмот и нутриционистичките аспекти и се што има врска со квалитетот и безбедноста на храната.

- Граѓаните се интересираат за нутриционизмот, особено ранливите групи како постарите, трудниците и болните, но за жал како извор на информации најчесто ги користат социјалните мрежи. Тоа е проблем на светско ниво, бидејќи на Фејсбук се појавуваат таканаречени нутриционисити, кои препорачуваат разни чудотворни лекови. Најчесто храната нема таков ефект како што и се препишува, туку е обична реклама за нешто, рече Какуринов.

Нагласи дека во Македонија треба да се крене јавната свест за храната, дека луѓето околу нутриционистичките аспекти треба да се консултираат со образован нутриционист, да се обратат кај лекари или прехранбени инжинери, кои ќе им кажат дали таа храна е добра или не за нив.

- Здраворазумниот момент е многу важен и потежок од економскиот аспект и немањето избор при купувањето храна. Луѓето кои можат да си дозволат да јадат здраво треба малку повеќе време да потрошат и сами да истражуваат или да се обратат до соодветна институција или луѓе за да знаат што да јадат. Храната не е универзален лек, туку индивидуален за секој човек посебно, изјави Какуринов.

На конференцијата присуствуваат повеќе од 150 научници, истражувачи, компании, владини и невладини организации, консултанти и индивидуалци кои работат во областите на производство и преработка на храна, квалитет и безбедност на храна, исхрана, здравјето, нутриционизмот, хигиенско инженерство и дизајн, иновативни технологии, нови трендови во прехранбената индустрија.

Организатор на конференцијата е Консалтинг и тренинг центар КЛУЧ,  во соработка со Eвропската групација за хигиенско инженерство и дизајн (EHEDG) и Иницијативата за глобална хармонизација (GHI). Настанот е акредитиран од Стоматолошката комора на Македонија.