Македонија
31. March 2017 - 8:34

Меѓународен научен симпозиум за германската драма во Македонија

Во рамки на проектот „Европската драма и театар во Република Македонија“, Универзитетот за аудиовизуелни уметности-ЕСРА од денеска до 2 април во Куманово ќе организира меѓународен научен симпозиум „Германската драма во Република Македонија“. 

Тридневниот настан ќе почне вечер во Занаетчискиот дом во Куманово со изложба на фотографии на најиграните германски автори во Македонија (Бихнер, Гете, Шилер, Ман, Ниче, Милер, Брехт).

Ќе бидат презентирани две антологии на германската драма во Македонија, приредени специјално за симпозиумот, а студентите на актерска игра од ЕСРА, во класата на професорот Мето Јовановски, ќе изведат перформанс инспириран од германски автори.

Најавени се поздравни обраќања на германската амбасадорка Кристине Алтхаузер, градоначалникот на Куманово Зоран Дамјановски, ректорот на ЕСРА Јордан Плевнеш и на специјалниот гостин, од Германија - професорот Брајан Мајклс од Универзитетот Фолкванг од Есен.

- Во наредните два дена триесетина научници и универзитетски професори ќе презентираат свои согледувања за големата историја за присутноста на германската драма и театар во Македонија, за што сведочи фактот дека од создавањето на асномска Македонија до денес изведени се над 130 претстави од германски автори, соопшти ЕСРА. 

Германската драмска литература е прва од проектот „Европската драма и театар во Република Македонија“, кој почнува оваа учебна година и е во план да трае до 2030 година.

- Идејата на проектот е секоја година да бидат претставувани преку повеќе содржини и активности по две европски земји, од кои една од Балканот, а претставувањето да биде во различни општини во Македонија. На овој научно-истражувачки проект работи меѓународна група универзитетски професори и истакнати театролози, новинари, критичари и историчари на театарот, и има цел да даде конкретен придонес за натамошното зближување на нашата култура со европските духовни вредности, информира ЕСРА.