Македонија
5. October 2016 - 15:15

Меѓународен филозофски дијалог „Исток-Запад“ на тема „Правото меѓу политиката и етиката“

Правото мора да се заснова врз приоритетот на природните неприкосновени човекови слободи и права кои имаат универзално значење и кои се истовремено и највисока морална вредност поврзана со достоинството на човекот како главна цел на моралот и етиката во целина. Со новиот универзален концепт на човекови слободи и права по Втората светска војна од Универзалната декларација за човековите права до Европската конвенција за човекови права е воспоставена една трајна нераскинлива врска меѓу правото и моралот.

Ова денеска го истакна академик Владо Камбовски од Македонската академија на науките и уметностите, кој учествува на Вториот меѓународен филозофски дијалог „Исток-Запад“ на тема „Правото меѓу политиката и етиката“, што се одржува во МАНУ.

Посочи дека темата „Правото меѓу политиката и етиката“ е многу значајна бидејќи, како што рече, правото е мошне тесно поврзано со сите други области кои влегуваат во нормативниот систем на секое општество.

- Релациите право и политика се некогаш релации на две спротивставени страни. Политиката се дефинира како слободна активност на подрачјето на неограничените можности. Правото се држи до некои цивилизациски начела и вредности кои ги сметаат за трајни и понекогаш доаѓа до несогласност меѓу едните и другите, рече Камбовски.

Додаде дека секоја активност денеска, па и политичката, мора да влезе во подрачјето на начелата на деморатската правна држава и владеењето на правото и од друга страна моралот и затемеленоста на правото врз основните морални вредности.

Јасминка Хасанбеговиќ од Правниот факултет при Универзитетот во Белград рече дека цел живот се занимава со овој проблем, човековите права како секуларен грал, кој, како што посочи, можеби ќе помогне овој проблем на судир и растргнатоста на правото меѓу политиката и етиката да се реши, односно меѓу ефикасноста и моќта од една страна и доброто на човештвото, особено правдата и правичноста од друга страна и како изгледа тоа во меѓународниот концепт на демократијата, сувереноста и државјанството и воопшто модерниот концепт на човештвото.

- Ние на Балканот немаме доволно демократска традиција, немаме ни доволно знаење. Имаме многу да научиме. Од нас зависи кои ќе ни бидат примерите и кои одлуки ќе ги носиме колку и да е тоа тешко, колку и да сме маргинализирани во својата средината, а особено од оние кои подучуваат право, значи од елитата и не само политичката, туку и интелектуалната, професионалната, рече Хасанбеговиќ.

Значи, нагласи, не само од оние кои имаат титули, туку од оние кои навистина имаат знаење зависи просветлувањето на сите нас, сите мораме да учиме, мораме многу да работиме за да напредуваме малку по малку. 

- Можеби состојбата е сепак нешто подобра. Како и да е се надевам ќе биде подобра, додаде Хасанбеговиќ.

На симпозиумот, кој се одржува во организација на Филозофското друштво на Македонија, Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“ и Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ, учествуваат повеќе излагачи од Полска, Србија, Бугарија и Македонија.

Симпозиумот, како што соопшти Филозофското друштво на Македонија, утре ќе продолжи во Битола на Меѓународниот Славјански Универзититет „Гаврило Романович Державин“, а задутре во Куќата на Уранија во Охрид.