Македонија
9. December 2019 - 16:47

Меѓународен ден за борба со корупцијата - владата тврди дека постои политичка волја за справување со проблемот

Како природата ќе го оформеше светот, доколку корупцијата беше нормална појава? Со урбана герила акција во центарот на Скопје, активистите укажуваат на последиците од оваа сериозна општествена болест.

Преку информативни табли предупредуваат на причините, зошто Македонија со години наназад е меѓу најкорумпираните земји во Европа.

Меѓународниот ден на борба против корупцијата активистите го искористија да информираат - една четвртина од парите наменети за јавни набавки во земјава се трошат на коруптивен начин.   

“Вака ќе изгледаше планетата Земја, доколку Универзумот беше корумпиран. Сликовита акција на македонските уметници, со која сакаат да ја прикажат состојбата со корупцијата во Македонија”

Декларативна заложба за борба против корупцијата. Донесени закони кои во пракса не се спроведуваат, но и селективно владеење на правото. Ова се причините поради кои Македонија и оваа година, на одбележувањето на Меѓународниот ден на борбата против корупцијата и понатаму го одржува реномето на една од најкорумпираните земји во Европа.

За конкретни резултати потребни се конкретни реформи. Досега владите во земјава не покажаа вистинска волја за борба против корупцијата, велат експертите.

“Се уште како главен аргумент за постоење на политичка волја за борба против корупцијата се наведува формирањето на Антикорупциска. Но и тие немаат добри услови за работа...Повторно доаѓаме до констатацијата дека ниту оваа, ниту претходните влади не покажуваат вистинска волја за спречување на корупцијата”

Корупцијата останува еден од најсериозните проблеми во Македонија, предупредува уште една институција која ја прати оваа негативна општествена појава.

Констатираме дека корупцијата и одлучувањето при постоењето на судир на интереси претставуваат феномени кои во значителна мера остануваат неказнети, а перцепцијата на граѓаните е дека борбата против корупцијата не дава задоволителни резултати. Уште повеќе, Република Македонија континуирано бележи значителен пад на ранг листата на индексот за перцепција на корупцијата”, потенцираат од Хелсиншки.

Оние најповиканите кои треба да ја спречат корупцијата тврдат - постои сериозна политичката волја за справување со корупцијата во нашата земја. Како приоритетна акција премиерот Заев повикува на реформи во судството.

“Затоа е важно да започне псотапката на проверка на имотот на судиите и обвинителите, колку може поскоро. Важно е да се утврдат конфликтите на интереси и во правосудството. Секој судија и обвинител треба да ги декларира сите адвокати, правни застапници и обвинители од своето опкружување со кои на било кој начин се поврзани, или биле поврзани, во судските постапки што ги воделе”, пишува Заев.

Според експертите, перцепцијата на корупцијата во земјава влијаат и големите судски случаи кои и натаму се без разрешница. Случаите како “Рекет” доколку до крај не бидат расчистени, имаат капацитет дополнително да го продлабочат проблемот и да ја симнат Македонија уште подолу на ранг листата на земји со најголема корупција.