Македонија
7. December 2018 - 9:37

Меѓународен ден на солидарност за пациентите: Да се едуцираат пациентите и да има лекови за сите

Пациентите треба повеќе да се едуцираат за да знаат кои се генерички, оригинални лекови, а кои се фалсификувани, а за сите пациенти треба секогаш да има достапни лекови, посебно за оние со ретките болести, порачуваат од Здружението „Сочувај, лекувај, Асоцијација на пациенти со болести на црниот дроб – СЛАП” од Прилеп.

Со предавање и со делење флаери во Прилеп и Битола, а  во соработка со Меѓународната алијанса на организации на пациенти по втор пат Асоцијацијата го одбележува Меѓународниот ден на солидарност за пациентите, 7декември. Годинава мотото е „Безбедни лекарства и здравство за сите“.

Според Билјана Мирческа, претседател на Асоцијацијата, секој пациент, во секоја земја, без разлика на неговиот статус, треба да добива квалитетни лекови и квалитетна здравствена заштита и без разлика колку тоа чини.

-Во сите земји, вклучувајќи ја и нашата, има лекови од паралелен увоз кои не се безбедни за користење, но се многу поевтини и затоа се пласираат на пазарот. Не се знае во кои фабрики се произведени, како се транспортираат, каде се чуваат и како стигнуваат на нашиот пазар. Се продаваат легално. Имаше измени во законот за паралелен увоз, но сметам дека не се доволни, бидејќи за некои лекови се уште е дозволен увозот. Проблемот најмногу се јавува кај лековите за ретките болести, вели Мирческа.

Од Асоцијацијата бараат секогаш да има достапна терапија, да нема недостиг на одредени лекови, посебно за пациентите со ретки болести и да има квалитетна здравствена заштита за сите пациенти.

Дипломираниот фармацевт Бранкица Москова нагласи дека според Светската здравствена организација, од вкупниот број лекови, 10 проценти се фалсификувани, во развиените земји само еден процент, а во земјите во развој, надминува 30 проценти.

-Оваа бројка не е за потценување и значи дека ние, како држава, треба да внимаваме какви лекови имаме и за тоа е одговорна Агенцијата за лекови на Република Македонија. Агенцијата се уште нема официјален став и официјална бројка за тоа дали и колку имаме присутност на фалсификувани лекови. Но, важно е да се каже дека имаме веќе пријава на несакани ефекти од лековите и несакани реакции. Најмногу, 541 пријава за несакани ефекти од лековите имаше во 2011 година, а во 2016 година се само 45 пријави. Најчесто тоа се однесува на лековите кои се користат на клиниките и во одредени амбуланти, вели Москова.

Според неа, пациентите ретко пријавуваат несакани ефекти бидејќи не се информирани и им треба едукација.

-Предавања и едукации треба да има во сите градови и се прават напори од Агенцијата. Пациентите најмногу треба да посветат внимание на амбалажата, дали се внатре сите таблети, во спротивно и тоа е несакан ефект. Таблетите треба да бидат цели, не истрошени или искршени, напукнати, потоа рокот на употреба не треба да биде пречкртан, нејасен, прелепен, да има јасен сериски број, а да се пријави кај лекарот и секоја несакана реакција на лекот, објасни Москова.

Матичниот лекар од Прилеп, Македонка Зероска вели дека не се сретнале во практиката со фалсификуван лек, но имало недобар ефект на лекот. Посочи дека пациентите не смеат во аптека да добиваат замена.

-Во аптеката не би смеела да биде понудена замена на лекот, бидејќи со издадениот рецепт строго е запишана генериката на лекот. Не може на пациентот да му се понуди лек со друга генерика, без разлика што би го имал истото дејство, порачува матичниот лекар Зероска.