Македонија
12. August 2019 - 17:37

Меѓународен ден на младите: Каде младите во земјава ја гледаат својата иднина?

12. август - Меѓународен ден на младите. Но каде младите од Македонија ја гледаат својата иднина? Поделени во мислењата, дел од нив сакаат да живеат дома, дел во странство. Но во едно сложни се сите, најголем проблем во државата е политиката и политизацијата.

Но, токму денот на младите ги скара политичарите. Премиерот Заев на Фејсбук објави дека за две години 49.500 граѓани се вработиле за две години. Според него, младите се силата на општеството за да се развива во духот на европските вредности.

Според Државниот завод за статистика, во првиот квартал во 2019 година евидентирани се 789.414 вработени лица, додека во првиот квартал од 2017 година вкупно вработени биле 739.892 лица. Тоа не се ново-иселени лица, туку ново-вработени граѓани, тука, во нашата земја, напиша Заев на Фејсбук.

Од Социјал-демократската младина велат дека владејачката партија е предводник на промените и донела низа мерки со кои се унапредува квалитетот на животот на младите.

- Гаранција за млади е уште една од мерките што обезбедува повисок животен стандард за младите. Преку оваа мерка, минатата година во само три општини над 1.800 млади лица се вработиле само четири месеци по нивното евидентирање како невработени лица, истакна Марко Михаиловски од СДММ.

Од опозицијата, пак, велат дека СДСМ и Заев ги разорачарале и измамиле младите.

Младинска гаранција, изградба на студентски град во првите шест месеци, како и подобрување на студентскиот стандард, погодности за студентите и младите невработени на СДСМ се проекти кои остануваат само празно слово на хартија. На младите им е јасно дека тие не постојат за оваа криминална власт која води грижа само за криминални тендери, корупција, рекетирање, поткуп, уцени и закани, се вели во дописот од ВМРО-ДПМНЕ.

Во светот во моментот има 1,8 милијарди млади луѓе на возраст од 18 до 24 години. Обединатите нации во 1999 година, препознавајќи ја улогата на младите луѓе во подобрување на човековите права и слободи, 12 август го прогласи за Меѓународен ден на младите.