Македонија
3. December 2022 - 16:37

Меѓународен ден на лицата со попреченост - Како се живее во Македонија?

Подигнување на детскиот додаток за деца со посебни потреби од 6.000 на 18.000 денари, колку што е минималната плата. Намалување на границата на мобилност од 26 на 18 години, еден од родители да може да оди во пензија на 55 годишна возраст, како и комплетна инклузија на овие деца во општеството, се главните барања на новоформираното здружението на лица со посебни потреби „Избрани од Бога“ од Прилеп.

„Размислете еве сега со посебен додаток за овие деца од 100 евра што можеме да направиме ние за нив со тие пари. Ништо! Бараме и пензија да дојдеме до некоја затоа што и ние родителите на овие деца сме половина разболени“, истакна Горан Камчески, претседател на здружение на лица со посебни потреби „Избрани од Бога“ Прилеп.

„Како што бараме да влеземе во Европа, така ние ќе сии ги бараме правата кои овие лица ги имаат во Европа“, додаде Игор Алексоски, родител на дете со посебни потреби.

За други родители пак чии деца одат во Центрите за поддршка на учењето најважна била инклузијата и овие деца да бидат прифатени од општеството.

„Значи околу инклузијата, овие деца во редовното училиште воошто не се прифатени. Ние дојдовме до степен да со директорот на училиштето да потпише изјава за да ја запишеме Тереза во специјално училиште. Не беше прифатено, ниту од децата, но ниту од родителите“, кажа Душица Тошеска, родител на дете со посебни потреби.

И стручните лица кои работат со овие деца признаваат дека треба да се работи на подигнување на свеста кај сите нас дека овие деца не се различни.

„Значи се навикнуваме и ние затоа што досега имавме само класична настава, а сега веќе започнуваме со индивидуалните третмани. Треба да се навикнат и наставниците од редовните училишта и учениците и родителите. А најмногу сметам дека треба да се подигне општата свест на народот дека овие деца и не се баш различни од другите деца“, потенцираше Катерина Кумпаниоска Настоска, специјален едукатор и рехабилитатор.

„Не е доволно само еден ден да се посвети внимание на овие лица, на нивните права за еднаквост на другите. Тоа треба да биде секој ден, да претставува дел од човечкото општество. Овие лица бараат најмногу еднаквост, самостојно живеење и функционирање во општеството“, нагласи Ахил Јаков, директор на ООУ „Климент Охридски“ Прилеп.

Со инклузијата пак се јавува уште еден проблем на кој треба државата да посвети вниимание, а тоа е немањето на образовни асистенти за сите овие деца кои се вклучени според новите закони во редовното образование. Бројот на асистенти е далеку од потребниот.