Македонија
2. April 2019 - 13:07

„Меѓаши“: Во конкурсот за НАТО се промовираат воени теми, а е наменет за деца на возраст од четири до 17 години

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ преку соопштение реагира на објавениот конкурс за творби за светското одбележување на 70-годишнината од формирањето на НАТО, во кој темите кои, како што наведуваат, „би ги доближиле претставите, поимот и значењето на НАТО“ се воени, а спорна е и возраста на децата, особено најмалите, бидејќи конкурсот е наменет за деца на возраст од четири до 17 години.

Според „Меѓаши“, станува збор за обид за манипулација и индоктринација на деца од основните и средните училишта во Македонија.

Од Првата детска амбасада реагираат на активноста на „ГАУС институт – фондација за нови технологии, иновации и трасфер на знаење“ на последната активност за одбележување на годишнината на НАТО во основните и средните училишта. Формата, како што наведуваат, е класичен начин на одбележување на годишнина преку раскази, есеи и цртежи, каде се дава можност дури и за критики, но сепак забележлив е позитивниот контекст, што се дава на НАТО и одбележување на годишнината.

– Поради страотните информации и слики, како и видео прилози од ефектите на делувањето на овие алијанси децата во училиштата ги учат причините за формирање, но не толку и последиците од формирањето и со право е тоа така. Сакаме да ги заштитиме децата од трауми! Министерката за одбрана Радмила Шекеринска ги повикува учениците да се вклучат во пишувањето на есеи преку својот фејсбук профил, притоа непотенцирајќи дали да пишуваат за последиците или за причините за формирање, за позитивните ефекти или негативните или пак за статистиките на загинати деца во конфликтите во кои учествувала алијансата? Можеби се работи за тема која ќе ја разбуди емпатијата кај средношколците и би пишувале за децата, чии родители загинале во воените конфликти и животот по загубата на родител, или пак за животот на родители по загубата на дете во еден таков воен конфликт од кој НАТО бил дел, истакнуваат од „Меѓаши“.

Ги повикуваат и поттикнуваат учениците кои одлучиле да конкурираат на овој конкурс добро да се запознаат со НАТО, со сите негативни импликации, да ги согледаат особено последиците и да се обидат да ја почуствуваат болката и тагата од војната и да ги пресликаат тие чувства на есеите со кои ќе аплицираат.

– Апелираме на внимателно и промислено однесување на политичките партии на власт и поставување на теми кои ќе промовираат соживот и позитивни вредности кај децата и младите без присуство на воени структури и воени дејствија, потенцираат од „Меѓаши“.