Македонија
26. December 2018 - 16:45

Меѓаши бара итни мерки за загадувањето

Пратениците да изгласаат законски измени и да го намалат дозволениот праг на загаденост на воздухот со опасните честички. Детската амбасада Меѓаши бара дозволените граници на ПМ 10 и ПМ 2,5 да не надминуваат повеќе од 75 микрограми на метар кубен а не како сега кога границата е до 200 и власта презема вонредни мерки кога состојбата е алармантна. Очекуваат народните избраници да бидат мобилни и да не дозволат децата да живеат во современи гасни комори.

- Бараме да бараат законски измени и да го почитуваат правото на живот на децата.За вакви суштински прашања треба да има и граѓанска непослушност, бојкот и други форми на револт, бидејќи нема родител кој може да биде рамнодушен кога гледа што се случува со неговото дете кое живее и расте во ненормални услови. вели Драги Змијанац од Меѓаши

Змијанац вели дека во западните земји парламентарците и другите надлежни институции не дозволуваат загаденоста со ПМ честичките да надмине над 40 мирограми на метар кубен. За да ја мобилизираат држаата да преземе мерки и да ги свати последиците од аерозагадувањето, од Меѓаши велат дека е во подготовка тужбата против државата и град Скопје поради големата загаденост.

- Очекуваме мислење од вештаци колку загадениот воздух влијае на развојот на децата. Инаку состојбата е толку алармантна што како последица на аерозагадувањето секое второ дете е со респираторни заболувања, има предвремени раѓања, како и кардиоваскуларни заболувања кај најмалите, вели Змијанац.

За тужбата што ќе ја поднесат велат дека ги известиле сите меѓународни фактори како и УНИЦЕФ. Процесот ќе го почнат во македонските судови а ако нема ефект Меѓаши вели дека ќе одат и до Стразбур. Инаку од детската амбасада денеска го промовираа извештајот за застапеноста на детските права во Собранието. Генералниот заклучок е дека многу малку пратениците зборуваат за децата.