Кошарка
20. јуни 2016 - 11:29

Меџик: Џејмс е еден од петте најдобри на сите времиња

Ирвин Меџик Џонсон, легендарниот ас на ЛА Лејкерс, изјавил дека Леброн Џејмс по освоената титула со Кливленд Кавалирс, покажал дека е најдобриот играч во светот.
 
Кливленд, во ноќта меѓу неделата и понеделникот славеше во мајсторката против Голден Стејт и ја освои првата НБА титула во историјата на франшизата. „Кралот Џејмс“ блескаше во финалето, особено во последните три натпреварa кога успеа да го спаси својот тим од амбисот.
 
Кливленд стана првиот тим во НБА историјата кој загубил во три од првите четири натпревари од финалната серија, а потоа ја освоил титулата.
 
„Леброн реши да ја преземе одговорноста во последните три натпреварa. Го направи она што го прават големите играчи и ја донесе титулата дома во Охајо. Тоа што го освои овој трофеј го зацврсти неговото наследство, како на еден од петмината најдобри на сите времиња“, напишал на Twitter легендарниот Меџик Џонсон.
 
„Тој го одржа своето ветување дека титулата ќе ја донесе во Кливленд и сега никој не може да му биде лут доколку реши да замине. Исто така, повеќе не може да постојат ‘хејтерите’ на Леброн, со овој трофеј тој покажа дека е најдобриот во светот“, дополнил Меџик.
 
Легендарниот кошаркар кој со ЛА Лејкерси освоил пет шампионски титули кусо ја прокоментирал и играта на Голден Стејт во решавачкиот натпревар.
 
„Лоша селекција на шутот, особено за три поена, ги чинеше титула. Сега сите се прашуваме што ќе се случи со нив. Ќе мора да се подобрат доколку сакаат повторно да се борат за титулата“.
 
Леброн Џејмс го доби признанието за најкорисен играч во големото финале, на седумте натпревари тој оствари просечни 29,7 поени, 11,3 скока и 8,9 асистенции.