Македонија
18. February 2020 - 16:33

Медиумите повторно отстранети од судница во „Рекет“ - Милошоски утре со аудио-бомбите кај Рускоска

Снимките на Зоран Милевски Кичеец останаа тајна за јавноста, по втор пат во случајот Рекет. Обвинителството и судот не дозволија да се слушнат двочасовните разговори оти во нив се слушале имиња на луѓе чиј углед можел да се наруши. За обвинетите, токму тие разговори се клучните за Рекет.

Нема ништо што е загрижувачко во тие снимки, ви гарантирам. Ако не ги слушне јавноста, која е целта ние да ги слушаме?, запраша во судницата Јанева.

Треба да се остави јавноста за да се спречат шпекулациите за тие фамозни снимки иако јас не сум ги слушнал, додаде во судница Бојан Јовановски.

Одбраната на двајцата обвинети очекувала јавноста да ги слушне тајно снимените разговори.

Беше објавено и од страна на јавниот обвинител, во интерес на јавноста дека ќе ги презентира, меѓутоа реши денеска да побара исклучување на јавноста.

Новинар: Беа споменувани политичари?

-Не смееме да коментираме, изјави Дељо Кадиев, Адвокат на Бојан Јовановски.

„Значи најмалку што требаше да направи јавниот обвинител е прецизно и категорично да го убеди судечкиот совет зошто бара исклучување на јавноста. Не е доволно да се стане и да се каже пола реченица Јас барам исклучување на јавноста и тоа веднаш да биде прифатено“, изјави Сашко Дуковски, Адвокат на Бојан Јовановски.

Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека се користеле ПИ мерки за обвинетите во Рекет но сите обезбедени материјали биле во рацете на обвинителството. Русковска пак објасни дека не добиле тонски снимки, но ако МВР има такви материјали да ги достави и веднаш ќе бидат изведени како докази.

Вчера опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара освен видео материјалите од тајното снимање, да се објават и аудио разговорите од снимка на која Боки 13 рече дека забележал оти во друштво на Кичеец седеле братот на поранешниот премиер и нивниот адвокат.

Во меѓувреме Антонио Милошоски најави дека за утре закажал средба со обвинителката Русковска за да ја предаде снимката добиена од укажувач, за која вели дека во неа се слуша гласот на Зоран Заев и дека тој знаел за рекетот на Боки 13.

„Ќе се достави и транскриптот од кој произлегува сомнеж за тоа дека господинот Зоран Заев бил во тек со нелегалното финансирање на „Меѓународен сојуз“ на Бојан Јовановски преку рекетирање на стопанственици, како и дека тој лично од позиција на премиер го помагал финансирањето на телевизијата 1ТВ“, вели Милошоски.

Судењето за Рекет продолжува во четврок со докази и сведоци на обвинетите.