Македонија
3. July 2017 - 16:28

Медијаторот на средби со Заев, Димитров, Ахмети и Груевски

Можностите за придвижување на разговорите помеѓу Македонија и Грција биле во фокусот на средбата на премиерот Зоран Заев и медијаторот Метју Нимиц. Како што информираат од владината прес-служба, на средбата било заклучено дека евро-атлантските интеграции на земајава се клучни за стабилноста и безбедноста на целиот Западен Балкан.

Јас и Владата на Македонија сме определени кон чекори што ги решаваат проблемите на граѓаните на Република Македонија. За тоа водиме инклузивни политики и така ќе биде и со решавањето на ова прашање, што ќе го водиме исклучително транспарентно, а не затворено како досега, само преку државен консензус, со опозицијата, со Парламентот, со претседателот на државата и со граѓаните на Република Македонија, изјавил премиерот Заев.

Медијаторот Нимиц утрово се сретна и со шефот на македонската дипломатија на која Димитров ги посочил доборососедските односи и имплеменатцијата на мерките за градење доверба со Грција како особено значајни за стабилноста и економскиот развој.

Средбата со Нимиц, лидерот на ДУИ ја оцени како охрабрувачка. Ахмети посочи дека и Албанците во земјава ќе дадат свој придонес за надминување на пречките за членство во НАТО и Европската Унија.

Денес имав задоволство да се сретнам со посредникот на ОН Метју Нимиц во спорот за името со кој разменивме идеи за надминување на пречките во нашиот пат кон НАТО и ЕУ. Земјава бара добро решение за спорот, но и Албанците ќе дадат придонес бидејќи не се индефирентни кон овој спор, посочи Ахмети.

Во рамки на дводневната посета на Македонија, медијаторот Нимиц вчера се сретна и со претседателот Ѓорѓе Иванов, на која уште еднаш биле потврдени заложбите на Македонија за продолжување на процесот под покровителство на Обединетите нации со цел надминување на деценискиот спор со Грција.