Македонија
7. February 2018 - 13:23

Медицинските сестри сакаат да придонесат за подобри здравствени услуги на пациентите

 Унијата на здруженија на медицински сестри, акушерки и техничари денеска потпиша Меморандум за соработка со 15 граѓански здруженија со цел подобри здравствени услуги и зголемување на заемната доверба. 

- Покрај обврските кои ги имаме по закон и пропис кон нашите пациенти за кои е и нашето суштинско постоење, сакаме да ја продлабочиме соработката со сите нив преку работилници и едукации. Да ги надополниме сите недостатоци за тие да можат поубаво да стигнат до здравствените услуги и да имаме што е можно поплеменити и мирољубиви контакти, изјави сестра Гордана Бешлиовска, координатор на Унијата на здруженија на медицински сестри, акушерки и техничари.

Таа укажа на дел од проблемите кои ги имаат, како недостиг од сестри во болниците, не се конкретно бодирани по колективните договори како што се во сопствените специјалности, за нивното учество во клиничката пракса и образование...

- За жал имаме ситуација на несоодветно толкување на нашите вредности кое носи до некоја дестимулација и во последно време има голем одлив на медицинските сестри од нашата држава, рече Бешлиовска. Истакна дека неодамна имало нови вработувања и додаде оти во најава се нови вработувања во болниците. 

Суаред Алишан од НВО „Детски свет нов почеток“, иницијативата „5 до 12“ истакна дека е многу важно што ќе реализираат поголеми проекти со медицинските сестри во интерес на децата и младите со попреченост. 

Тој нагласи дека здравствените установи не се пристапни за лицата со посебни потреби и додаде оти треба да почнат инфраструктурно да се решаваат проблемите, а потоа и законските измени за да можат лицата со попреченост да имаат подобро е поефикасно здравство.

- Старосната граница на лицата со пореченост да биде отстранета за да можат да можат да користат бесплатно здравство, рече Алишан. 

Претставникот на Здружението „Феникс СМ“ од Прилеп Миле Стојкоски изјави дека за инвалидизираните лица подеднакво важни и вредни се и лекарите и медицинските сестри. 

- Во моментов имаме забелешка во делот за рехабилитација. Тој дел во целост заостанува во нашата држава, во сите здравствени установи. Неколкуте центри за рехабилитација не соодветствуваат со нашите потреби во целост, рече Стојкоски.