Македонија
11. February 2020 - 16:34

„Медењаците“ се враќаат дома

Ова е пораката што хероината од “Медена земја”, Атиџе Муратова,  ја испрати до јавноста преку онлајн прес конференција од Холивуд.

Со двете номинации за Оскар, нејзиниот лик секојдневно е присутен на насловните страници, а светот слушна за една “Медена земја” и последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа. Но, тоа го промени и животот на Атиџе.

„Сакам да бидам малку на раат со интервјуата, имам уште незавршени работи, а и со пчелите ме чека работа. Утре се враќам дома и сакам пчелите да ги видам. Жал ми е за пчелите, спијат дома, а без мене не бива, ме чекаат да ги ѕирнам“, рече Атиџе Муратова.

„Атиџе и фамилијата на Хусеин се реални ликови кои што на нас ни дозволиле да им ги снимаме животите, се соголиле, да ги снимаме најинтимните моменти – раѓање, смрт, карање, тепање, сè што има и што нема на филмот. Среќни сме што придонесуваме за среќата на целата нација, меѓутоа сакаме да имате предвид дека ова се реални ликови, со реални животи и дека секако дека во една мера овој публицитет им годи, но кога ќе се помине границата и ќе премине во вознемирување, на пример да има Атиџе неколку интервјуа на ден, тоа почнува да им предизвикува проблем, а одговорноста за тоа оди кај нас. Би сакале да имате разбирање за тоа”, замоли режисерот Љубомир Стефановски.

Екипата на “Медена земја” не е ни малку разочарана затоа што не добија Оскар. Тие се презадоволни од огромниот успех. Велат дека Оскари не ни се случуваат секој ден, а тие испишаа историја со тоа што за прв пат се случи еден документарец да добие две номинации за најпрестижната награда во кинематографијата. “Медена земја” беше номиниран за најдобар документарен и најдобар странски филм.

„Оскарот е формалност, патот што се оди до таму и луѓето што го видеа овој филм се вистинската слика за тоа што успеал филмот. А „Оскарот“ е пред сè шоу за американската публика и би требало контекстот на медиумите во врска со тоа да се смени. Не се работи за нас, дали сме победници или не, туку се работи за одговорност пред македонската јавност и мотивација, која треба да се задржи кај луѓето, посебно во земјава, каде сите лесно се демотивираат за сè. Мислам дека токму сега тоа е потребно – да остане радост и надеж дека секој може да направи нешто повеќе“, рече режисерката Тамара Котевска.

„Позначајно е што сменивме историја, отколку да добиевме оскар. Две номинации се подобри од еден „Оскар“, изјави продуцентот Атанас Георгиевски.

Владата донесе одлука да ги награди Медените со 3 милиони денари.
До сега, “Пред дождот” на Милчо Манчевски беше единствениот македонски филм номиниран за Оскар во далечната 1995 година. Тимот на “Медена земја”се надева дека нема да чекаме уште 25 години за нова Оскаровска авантура.