Македонија
6. December 2016 - 17:45

МЕА: Потрошувачката на струја стагнира, производството се намалува

Потрошувачката на електрична енергија во Македонија стагнира или малку се намалува, не заради забавување на целата економија, туку поради забавената активност на големите комбинати, рече денеска претседателот на Македонската енергетска асоцијација (МЕА) Кочо Анѓушев.

Пред седницата во Стопанската комора на која МЕА го разгледува Предлог - енергетскиот биланс за 2017 година, Анѓушев изјави дека, и целата друга индустрија да работи, ако Фени и Југохром застанат со работа или работат намалено, тоа значително ќе се одрази врз вкупниот биланс како намалување на потрошувачката на електрична енергија.

- Зголемувањето или намалувањето на потрошувачката во голема мера ќе биде детерминирано од работењето на овие два големи металуршки комбинати. Ако работат во целост, очекувам да има зголемување на потрошувачката, а ако работат како што е најавено, односно Југохром да не работи, а Фени да работи само со една линија, тогаш ќе има намалување на потрошувачката. Фени, Југохром и Макстил имаат значително влијание во целокупната потрошувачка, на нив отпаѓаат околу 20 отсто од вкупната потрошувачка во државата па нормално, нивната активност или неактивност се одразува врз потрошувачката и од тој апскет е многу дискутабилно дали ќе работи Југохром или не или дали Фени ќе работи со полна снага, со двете линии, или само со една, како што работи денес, истакна Анѓушев.

Ако потрошувачката остане на ниво на оваа година или се намали два отсто, тогаш увозот, оцени, ќе биде околу 30 отсто, а домашното производство 70 проценти. Ако, пак, металургските комбинати работат со полна снага, домашното производство ќе остане на исто ниво, а увозот ќе расте значително, до 40 отсто.

Како што дополни, производството во термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј бележи континуирано намалување последниве години, хидроелектраните произведуваат колку што дозволува хидрологијата, а според Предлог-енергетскиот биланс, гасната електрана Те-То ќе произведува значително повеќе, но тоа повторно ќе зависи од пазарните услови, односно од разликата во цената на струјата и гасот.

- Обвновливите извори на енергија кои пред неколку години беа нула отсто, а денес се шест до седум проценти од енергетскиот биланс, не се доволни да го супституираат производството на термоелектраните. Може да ја ублажат ситуацијата и се добредојдени, но мора да се најде начин термоелектраните да произведуваат со полна снага, посочи Анѓушев.

Проценките велат, потенцира, дека цената на струјата на светскиот пазар догодина се очекува да биде стабилна и на речиси исто ниво како во 2016-та.

Одговорајќи на новинарско прашање, Анѓушев рече дека домаќинствата трошат исто, без поголема разлика и во овој сгмент промените не зависат од глобалните процеси, туку од тоа колку зимата е студена или топла. Најдобро би било, сугерираше, гасот да се доведе директно до домаќинствата зашто така и ќе се искористи максимално, до 96 отсто, наместо најпрво да се трансформира во електрична енергија (случај во кој искористеноста е максимум 60 проценти).

- Тоа би требало да биде таргет на секоја натамошна енергетска политика – гасот да не се гори во неисплатливи објекти, туку во домаќинствата. Така ќе има два бенефита: поеколошка средина и ефикасна искористеност, заклучи претседателот на МЕА Анѓушев.