Македонија
4. July 2016 - 11:03

МД„Илинден“: Катастрофална состојбата на македонските медиуми во Албанија

Македонското друштво „Илинден" со седиште во Тирана информира дека искажува загриженост, за, како што оценува, катастрофалната состојба на македонските медиуми во Албанија.

- Македонски медиуми, или медиуми на македонското национално малцинство се: весникот„Илинден“ кој излегува еднаш месечно, три портали и две програми,  програма во државното Радио Корча кое емитува 30 минути програма  дневно на македонски, и секој ден телевизијата Тв. Кристал во Корча, која емитува само македонска музика. Овие медиуми се минимум и не се доволни за целосно, навремено и објективно информирање, вели Никола Ѓурѓај, публицист и уредник на весникот „Илинден“.

Од истражувањето кое го направило Друштвото произлегува дека главен проблем со кој се соочуваат се финансиите, недоволното искуство и недостигот на обука за ангажираните лица.

Најчесто се потпираме на привремени донации и грантови. Финансиските тешкотии ја прават  уште потешка работата на електронските медиуми кои имаат многу повеќе трошоци. Токму поради финансиите Радио Преспа, кое беше единствено радио на македонски, одамна замолкна, додава Ѓурѓај.

Поради тоа потребна  е  финансиска поддршка, дополнителна обука и професионален кадар, што, според Ѓурѓај, ќе придонесе  за понатамошен развој и зајакнување на македонските медиуми.