Македонија
27. September 2018 - 18:25

МД „Илинден“ ги повикува Македониците во Албанија со право на глас да го бојкотираат референдумот

Македонското друштво „Илинден” со седиште во Тирана и огранокот за Голо Брдо, ги повикуваат Македонците во Албанија, со право на глас во Македонија, да го бојкотираат претстојниот референдум во Република Македонија што ќе се одржи в недела, на 30 септември 2018 година.

- Изразуваме голема  загриженост од спроведувањето на престојниот референдум во татковината, Република Македонија, за промена на името на државата и идентитетот на нацијата. Ние Македонците во Република Албанија отфрламе промена на името на нашата матична земја и идентитетот на македонскиот народ и тоа го сметаме за геноцид врз македонскиот народ и злосторство против човештвото, стои во соопштението. 

Понатаму се наведува дека Македонците во Република Албанија ќе ја продолжат битката за нивните човекови права и слободи пред домашните власти и меѓународните организации „како неотуѓиво и неприкосновено право на самоопределување и самоидентификација“.

- Укажуваме дека промената на името на државата ќе влијае врз идентитетот на Македонците во соседните држави на Република Македонија и целиот свет и поради тоа ги повикуваме Македонците во Република Македонија и оние во Албанија со македонско државјанство да го бојкотираат престојниот референдум што ќе се спроведе во недела, на 30 септември, се нагласува во сооштението на друштвото.

Во истото се потсетува дека Друштвото, изразувајќи ја волјата на Македонците што живеат во Албанија, беше против какви било договори за името на Македонија, како матична држава на македонскиот народ „затоа што името на државата е идентитетот на нацијата, а името на националноста по автоматизам се определува од името на државата“.