Македонија
28. March 2018 - 14:12

МЦМС: Најкорумпирани политичарите, судиите и лекарите

Граѓаните се песимисти дека корупцијата може да се искорени. За најкорумпирани ги посочуваат пратениците, министрите, лидерите на политичките партии, судиите, јавните обвинители и вработените во јавниот и здравствениот сектор.

До вакви наоди дојде Македонскиот центар за меѓународна соработка при изработката на најновиот извештај за проценката на корупцијата во Македонија во 2017 година. 

Резултатите од извештајот покажуваат дека тројца од четворица граѓани сметаат оти судиите и јавните обвинители се најкорумпирани, а над 65 проценти од граѓаните ги посочуваат пратениците, министрите, лидерите на политичките партии и локалните лидери за најкорумпирани. Гледано по сектори, на прво место по корумпираност се судовите и обвинителството, а на второ место Министерството за здравство и јавниот здравствен сектор.

Секој петти граѓанин смета дека корупцијата не може да биде намалена, а 46,9 проценти дека секогаш ќе постои, но оти може да биде намалена. 

-  Се уште има голема неказнивост. Минатата година има само 145 лица осудени и тоа за мала корупција. Мислам дека тоа треба повидливо да се промени. Кога ќе почне да се казнува повеќе, ќе стане јасно дека тоа е недозволиво однесување, истакна Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка. 

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев најави дека како Влада ќе се залагаат за нула толеранција кон корупцијата.

- Борбата ќе биде беспоштедна. Ние ќе се залагаме за нула толеранција кон корупицијата. Јас лично ќе ги поддржам сите овие процеси, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Според овогодишните податоци, 36,3 проценти од граѓаните биле изложени на коруптивен притисок што претставува зголемување во споредба со 2016 година.