Бизнис
27. January 2016 - 17:40

МБСК: Трговската размена меѓу Македонија и Бугарија една милијарда долари до 2017

Трговската размена меѓу Македонија и Бугарија да достигне една милијарда долари до 2017 година и да се изгради магистралата Скопје - Софија што ќе го скрати патувањето од сегашните четири, на два часа. Ова се приоритетите на Македонско-бугарската стопанска комора (МБСК) што беа истакнати на денешната работна средба со бизнис делегацијата предводена од претседателот на Бугарската социјалдемократска партија, Александар Томов.

Како што рече претседателот на МБСК Зоре Темелковски, за унапредување на деловната соработка е неопходно и надминување на бариерите од минатото што ги оптоваруваат двете земји во речиси сите сфери.

На средбата, информира Темелковски, стана збор и за заеднички настап на трети пазари, а од македонска страна е побарана бугарска поддршка и лобирање за европските проекти, посебно во делот на прекуграничната соработка.

- Се надеваме дека Комората ќе биде сериозен партнер на двете Влади за европските проекти, а Бугарската социјалдемократска партија добар лобист во оваа насока, изјави Темелковски додавајќи дека во многу скоро време очекува и конкретни резултати од денешната средба.

Според него, членките на МБСК се луѓе со идеи согласно европските начела поради што и Комората е одличен репрезент на двете држави.

Претседателот на Бугарската социјалдемократска партија Томов искажа максимална поддршка за македонските евроинтеграции и напомена дека се прават сериозни чекори за што поскоро зачленување на Македонија во ЕУ.

Како што нагласи Томов, изградбата на магистрала меѓу Софија и Скопје е еден од големите европски проекти кои, за жал, се движи многу бавно.

- Односите меѓу Македонија и Бугарија на економски план не се на посакуваното ниво зашто можностите се многу поголеми. Многу е важно да слушнеме за конкретни проекти како што беше случај денеска, но и да работиме на нив со претставниците на македонскиот бизнис, напомена Томов.

Откако почна функционирањето на Македонско-бугарската стопанска комора размената посочи Темелковски беше 460 милиони долари, а лани достигна 800 милиони. Тоа, подвлече претседателот на Комората, покажува дека визиите се остварливи ако се има јасна идеја, замисла и цел.