Спорт плус
25. February 2020 - 19:41

Мавровски меморијал: Четврто место за Ставре Јада

На падините на Бистра се одржува 57-от традиционален Мавровски меморијал . Денеска победи  Романецот Хоџиу во машка и Ведрана Малец во женска конкуренција.  Нашиот претставник Ставре Јада остана без медал во силната конкуренција на натпреварувачи од 12 земји. 
Во машка конкуренција на програмата беше трката на 10 километри слободно на која македонскиот претставник Ставре Јада по одличниот настап во првите пет километри во вториот дел од патеката падна во темпото  и за само 4 секунди го загуби бронзениот медал пред Страхиња Ериќ од БиХ.  Првото место му припадна на Романецот Петрика Хоџиу додека втор беше Милош Чолиќ исто така од БиХ.  На патеката се појавија 41 натпреварувач од 12 земји од кои вкупно 6 од Македонија. 
Кај дамите кои трчаа на 5 километри триумфираше ланската победничка Ведрана Малец пред Мајда Дрндиќ од Србија и Сања Кусмук од БиХ.  Од нашите претставнички Михаела Даноска беше најдобра со освојувањето на 9. Место. 
 
Меморијалот продолжува утре а стартот е во 9.30ч.