Свет
13. December 2015 - 11:18

Матвиенко: Турција мора да се извини за соборувањето на рускиот авион

Турција мора да и се извини на Русија за соборувањето на рускиот авион СУ-24 за да може да се поврати довербата меѓу државите, изјави претседателката на Горниот дом на рускиот Парламент, Советот на федерацијата, Валентина Матвиенко, јави Танјуг.

Според неа, Русија од Анкара очекувала соодветен одговор, но тоа не се случило, пренесоа руските медиуми.

-Ние не сме виновни за тензиите кои се појавија во односите меѓу Турција и Русија. Турција изврши агресивен акт кон Русија. Рускиот претседател за ова прашање даде многу јасно мислење, рече таа.

„Оној што нападна мора и да ја понесе одговорноста. Верувам дека ќе дојде време кога турските власти ќе се вразумат и адекватно ќе го оценат инцидентот со рускиот авион и достојно ќе и се извинат на Русија“ , рече Матвиенко.

Таа додаде дека контактите меѓу Русија и Турција и натаму постојат на ниво на Министерства за надворешни работи и дека ниту една страна не е заинтересирана за нарушување на меѓудржавните односи.