Македонија
17. May 2016 - 13:52

„Матурска парада 2016“ во петок напладне на плоштадот „Македонија“

На плоштадот „Македонија“ во петок напладне ќе се одржи 10. „Матурска парада“ на која традиционално учениците кои го завршуваат средното образование танцуваат кадрил. 

Организаторот на настанот, Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, очекува да се вклучат околу 1.200 матуранти од 20 средни училишта од Скопје, како и 1.300 нивни врсници од 12 средни училишта во Струга, Охрид, Струмица, Валандово, Гевгелија и Неготино.

Официјалниот дел на програмата ќе почне во 11:40 часот со обраќање на градоначалниците. Потоа матурантите ќе кажат изјава за ненасилство, по што ќе следува директно вклучување на Радио Словенија од каде ќе се преземе музиката од Штраусовата опера „Лилјакот“ на која матурантите точно во 12 часот во сите градови учесници на манифестацијата ќе го танцуваат кадрилот. 

Никола Глигоров од Дирекцијата за култура и уметност денеска на прес-конференција рече дека „Матурска парада“ е веќе традиционална манифестација која секоја година привлекува се поголем број матуранти кои доброволно се пријавуваат за учество.

- Заедно со матурантите од Скопје и од другите градови од земјава, во петок во исто време кадрил ќе заиграат и матурантите од 15 европски држави и 120 градови. Пред почетокот на матурската парада матурантите ќе дадат изјава за ненасилство со што оваа манифестација придонесува за зајакнување на толеранцијата меѓу младите и повисоки цивилизациски вредности, истакна Глигоров кој се заблагодари за поддршката од Делегацијата на Европската унија во Скопје и од Град Скопје кој е покровител на парадата.

Даниела Захариева Адамова, раководител на Секторот за образование во Град Скопје, рече дека „Матурската парада“ прераснала во своевиден бренд на Скопје, манифестација која, како што рече, станала битен дел од културно-забавниот живот на младите во Скопје.

- Ова случување само ја најавува низата активности што Градот Скопје во наредните денови ќе ги посвети на матурантите, а станува збор за екскурзии, едукативни посети и манифестации. Тие активности ќе кулминираат со традиционалната „Средба меѓу првиот и најдобрите“ во која ги наградуваме најдобрите матуранти од сите средни училишта на Град Скопје, рече Адамова.

„Матурска парада“ почна да се организира во 2001 година во Љубљана, а во Македонија првпат се одржа во 2007 година во Скопје и во Охрид во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје и Танцовиот спортски клуб „Ритам плус“ од Скопје. 

Во изминатите девет години на парадата во Скопје учествувале вкупно 6.552 матуранти и 8.146  во другите градови во Македонија.