Македонија
29. August 2019 - 16:41

Матурантите кои полагале училишна матура бараат можност да го продолжат образованието

Вратите на универзитетите во земјава се затворени за матурантите кои положиле училишна матура. Со новите законски измени, на факултет може да се запише само оној кој има положено државна матура. Петнаесетина завршени средношколци со училишна матура денеска протестираа пред УГД, барајќи министерството за образование да изнајде решение и тие да можат да го продолжат образовниот процес.

Поради тоа што не бевме навремено информирани, сметаме дека барем уште оваа година може да се најде начин да се запишеме на факултет, а од догодина Законот повторно да важи-изјави Петар Тодев, матурант со положена училишна матура.

Дека средношколците не се адекватно информирани за последиците од не полагање на државна матура, тврди и проректорот на УГД.

Некој требало многу посоодветно, многу подинамично, по оперативно да ги информира  во 4-та година, 10-15 пати дека, треба да внимаваат, да запишиваат и полагаат државна матура и дека без неа нема да имаат пристап на факултетите. Така што, недостатокот е генерално кај сите.-изјави Кире Барбареев, проректор на УГД-Штип

На средношколците кои протестираа поддршка им дадоа и сопствениците на приватните студентски домови.

Навистина е проблем. Доаѓаат деца со родители, ни се јавуваат родителите, ве молиме преземете нешто. Во вторник планираме да одиме во министерството да им образложиме вокаква ситуација се средношколците, а и ние кои сме дел од студентите и да се реши проблемот- изјави Донче Георгиев, сопственик на студентски дом.

Од почетокот на првиот уписен рок до сега, на УГД конкурирале над 500 кандидати, за 4404 слободни места. Во тек се уписите и на останатите универзитетите.