Македонија
21. November 2017 - 16:30

МАТТО: Македонија да ја интензивира економската соработка со турските региони

Македонија и Турција можат да ја зголемат трговската размена најмалку тројно, од сегашните 315 милиони на една милијарда долари. Неопходна е соработка со турските региони кои се милионски пазари, но и поскора либерализација на трговијата со земјоделски и прехранбени производи, истакнаа денеска претседателот на Стопанската комора Македонија Турција – МАТТО Ајдован Адемоски и гувернерот на индустрискиот центар Кајсери Сулејман Камчи.

На нивната прва средба во Скопје, Адемоски и Камчи констатираа дека потенцијал има, особено за влез на турски инвестиции за производство во Македонија кои би се извезувало во регионот, ЕУ и Северна Африка.

- Вкупните турски инвестиции во Македонија засега изнесуваат 1,7 милијарди долари што е 3,3 отсто од вкупните странски директни инвестиции. Оваа бројка, како и нивото на трговската размена се многу мали и воопшто не задоволуваат особено ако се земе предвид потенцијалот на двете земји, изјави Адемоски.

Според него, само од Кајсери во земјава може да дојдат 10 до 15 компании кои би инвестирале во текстилната индустрија, производството на мебел, електрониката и туризмот.

- Кајсери е милионски град во централна Турција, на само 70 километри од Кападокија. Познат е како индустриски и трговски центар со годишна размена од три милијарди долари од кои 1,5 милијарди увоз и исто толку извоз. Воедно е и најголем снабдувач на деним за брендовите Левис, Вранглер, Рајфл и Дизел. Кајсери има и три универзитети со 100.000 студенти, рече Камчи.

Тој посебно се осврна на ски-центарот кој располага со патеки долги 200 километри и хотелски капацитети со пет ѕвездички, а е оддалечен само 20 километри од градот. Ски-центарот, дополни Камчи, е погоден и за летен туризам.

Гувернерот предводи 30-члена делегација од секторот туризам, меѓу кои има и претставници од градската управа. Тие ќе ги скенираат условите за инвестирање и бизнис соработка во Македонија. Делегацијата денеска остварила средба и со претседателот на државата Ѓорге Иванов.