Македонија
12. September 2020 - 16:48

Матичните бараат термин за специјалист, нема слободно место за сите хронични заболувања

На Пулмологија денеска не може да закажете, не, денес не....

Хронично болните во паника звонат и бараат прегледи кај специјалисти, матичните чекаат слободни термини за закажување. До 23ти е рокот кога оваа категорија на граѓани треба да обезбеди потврда дека согласно здравствената состојба и дијагнозите не треба да одат на работа туку на боледување на неопределено време. Доктор Кирил Солевски засега не може да ги услужи сите пациенти со коморбидитети. Тие со астма и ХОББ ќе причекаат, додека, пак, за кардиоваскуларни заболувања има простор во некои од амбулантите.

-За Пулмологија засега не може да се закаже нема термини, има е амбуланта која треба да биде пуштена. Имавме јавувања, пациенти беа загрижени дали има термини, вели др. Кирил Солевски од поликлиника СеМед.

Откако Комисијата за заразни болести предложи, Владата донесе одлука  а ФЗОМ направи измени во правилникот за боледувања, здравствените власти најавија дополнителни термини и е -амбуланта за хронично болните да стигнат кај специјалист. Официјално, од Министерството за здравство ни потврдија дека се ова ќе функционира од понеделник кога треба да има повеќе термини во електронскиот систем во текот на целиот ден.

-Доколку пациентот има повеќе коморбидитети и секако е во поодминати години секако дека е во ризичните групи. Но тоа треба да го потврди и каже специјалистот. Нема простор за паника, постепено ќе се ослободуваат термини претпоставувам, ние тоа го следиме постојано и така ќе им закажуваме на пациентите, вели др. Солевски.

Не по група на дијагнози туку преку индивидуален пристап специјалистите ќе утврдуваат кој пациент на пример со астма или дијабет може да се врати на работа на 23 септември а кој ќе продолжи да седи дома, но ќе биде на боледување на неопределено време.

Хронично болните 6 месеци беа ослободени од работа поради пандемијата со корона вирусот.