Македонија
18. October 2020 - 16:48

Масовни свадби во странство па увоз на корона-кластери во Македонија, семејството Бајрам прослави на Босфор со 600 гости

И покрај забраните за организирање семејни веселби, но и фактот дека секојдневно значајно расте бројот на инфицирани со Ковид-19, некои граѓани наоѓаат алтернатива за организирање свадби.
Последна беше свадбата на внуката на Амди Бајрам, претседател на Сојузот на Ромите и поранешен пратеник. Прославата требаше да се одржи на 11 октомври во ресторан во скопско Шуто Оризари. Поради мерките за заштита и актуелните забрани, поранешниот пратеник изјави дека ја откажале веселбата.
Но, само неколку дена подоцна прославата беше организирана во Турција, каде нема забрани како кај нас. Амди Бајрам за медиумите потврди дека имало 600 гости, од кои 200 отпатувале од Македонија, а останатите биле од Турција. Веселбата се одржа на брод на Босфор, а на социјалните мрежи се појавија видеа и фотографии, на кои се гледа дека не се почитуваат превентивните мерки.

Венчавка на Косово закажа и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, кој тврдеше дека не била масовна прослава, туку поканети биле само најблиските.

Ова беше повод да ги прашаме надлежните здравствени власти што ќе преземат за да се спречи трендот на организирање свадби во други држави, додека кај нас се забранети семејните веселби. Бидејќи тоа што не се почитуваат мерките надвор од земјава, а потоа граѓаните се враќаат назад без тестови или изолација, претставува дополнителна опасност за ширење на вирусот.
Од Министерството за здравство велат дека Комисијата за заразни болести ја следи епидемиолошката состојба во државата и согласно неа дава предлози со цел заштита на колективното здравје на граѓаните.
„Доколку Комисијата за заразни болести смета дека постојат одредени мерки со кои ќе се придонесе кон заштита на граѓаните, истите ќе ги препорача до Владата”, пишува во одговорот од Министерството за здравство.

Инаку, токму министерот Филипче постојано потенцира дека вирусот во најголема мера се шири токму поради семејните собири и свирките во угостителските објекти. Од таа причина свадбите се забранети од почетокот на пандемијата. А, поради непочитување на мерките на забави во некои угостителските објекти, настапите во живо повторно се забранети по само еден месец откако беа дозволени.