Македонија
3. May 2021 - 14:46

Масовната имунизација на граѓаните од источниот и југоисточниот регион почнува утре во штипската сала „Јордан Мијалков“

Масовната имунизација за граѓаните од штипскиот и струмичкиот регион почнува од утре во 8 часот во спортската сала „Јордан Мијалков“ во Штип. Директорката на здравствениот дом-Штип, Снежана Трајковска, вели дека претпладнево се пристигнати 5.000 вакцини на „Синофарм“, сместени се во фрижидерите и објектот го обезбедуваат полициски службеници.

Во масовната иминизација ќе учествуваат 50 медицински сестри, осум лекари, 16 администратори, кои се студенти од Универзитетот „Гоце Делчев“ и волонтери на ОО Црвен Крст-Штип.

Трајковска вели дека 80 отсто од здравствениот персонал е од Здравствен дом-Штип и Клиничка болница-Штип, останатите 20 отсто од персоналот ќе пристигнуваат од градовите од двата региони.

Салата „Јордан Мијалков“ е подготвена и во неа има 22 вакцинални пунктови, дневно ќе може да се имунизираат од 1.000 до 2.000 граѓани.