Свет
18. July 2016 - 12:28

Масовна тепачка меѓу мигранти во прифатен центар во Унгарија

Во прифатниот центар во градот Кишкунхалаш на југот на Унгарија, синоќа изби масовна тепачка меѓу мигрантите кои се задржани во него, соопшти денеска советникот на унгарскиот премиер за национална безбедност Ѓорѓи Баконди.

Во тепачката полесно се повредени девет лица, кои се префрлени во болница.

Баконди изјави дека околу 20 Алжирци, Сиријци, Пакистанци и Монголци синоќа се степале со тупаници и искршени делови од мебел. Тепачката избила околу 18 часот, но во пресметката подоцна се вклучиле уште 200 мигранти, пренесе унгарската агенција МТИ.

- До доцна во ноќта полицијата го вопоставуваше редот во мигрантскиот центар, изјави Баконди.

Во расчистување на тепачката во прифатниот центар, што се наоѓа во близина на српско-унгарската граница, интервенирале околу 200 полицајци.

Низ Унгарија минатата година минаа повеќе од милион мигранти, а приливот беше забавен кога беше кренат ѕид од бодликава жица на границата со Србија и Хрватска.

Мигрантското прашање и натаму предизвикува контроверзи во Унгарија и премиерот Викор Орбан се подготвува да распише референдум и од граѓаните да побара да отфрлат каков било план на ЕУ за прераспеделување на мигранти во рамки на ЕУ.