Македонија
13. July 2021 - 19:53

Масовна имунизација со само 6.000 дози дневно

Првиот ден без закажување и теренска вакцинација заврши со околу 6.500 боцнати граѓани за прва доза. Речиси двојно помалку од почетокот на масовната имунизација кога луѓето добиваа термини.

За разлика од вчера, кога пред скопските поликлиники имаше гужва и турканици, денеска сликата беше порелаксирана.  Во Јане Сандански во Аеродром првата вакцина граѓаните ја примаа на отворено, а ревакцинацијата се спроведуваше внатре во установата.

-Од сабајле имаме вакцинирано повеќе од 300 граѓани, изјави д-р Боре Радевски, раководител во Поликлиниката Јане Сандански во Аеродром

И во Поликлиниката Букурешт граѓаните кои ги анкетиравме велат дека не чекале многу.

И денеска продолжи  теренската вакцинација, според планот на здравствените власти посетени се нови 30 населени места ширум државата.

Инаку досега две дози против Ковид примиле околу 250.000 граѓани, односно имунизирано е околу 13 проценти од населението.