Бизнис
21. March 2019 - 17:29

МАСИТ и Комората на Северозападна Македонија потпишаа меморандум за соработка

Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) и Стопанската комора на Северозападна Македонија денеска потпишаа меморандум за соработка кој е во насока на интензивирање на досегашните активности.

Една од првите заеднички активности на двете комори ќе биде да се направи анализа на потенцијалот на државата за аутсорсирање на бизнис процесите кон странските пазари. Анализата треба да покаже колку има висококвалификувана работна сила како правници, економисти, сметководители и друг тип на профили кои би можеле да даваат стручни услуги на странски пазари.

– Во сегментот на аутсорсирање на ИТ услуги како земја сме добро етаблирани, но цениме дека има и други полиња како сметководство, финансии, управување со човечки ресурси, консултантство и други во кои нашите стручни кадри можат да дадат сериозен придонес. Со оваа активност, ќе се постигнат две придобивки – ќе поттикнеме отварање на компании со висока додадена вредност и ќе овозможиме вработувања на високо квалификувана работна сила, истакна Анита Никова-Бундовски, извршна директорка на МАСИТ.

Според извршниот директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Дриљон Исени, придобивките од аутсорсирањето на дел од бизнис процесите ќе придонесе компаниите да ги фокусираат и искористат нивните вештини и знаења во нивната клучна бизнис активност. Од друга страна, смета Исени, развојот на секторот на аутсорсирање ќе има позитивен импакт и врз економијата со тоа што ќе овозможува отворање на нови работни места.