Македонија
2. October 2018 - 8:42

Мас: Скопје и Атина да продолжат со имплементација на историскиот договор

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас ги повика Скопје и Атина, по неделниот референдум во Македонија, да продолжат со имплементација на „историскиот договор“.

- Иако многумина би си посакале поголема излезност: се радувам што огромно мнозинство од оние, што го искористија своето демократско право, гласаа за договорот со Грција. Тие сакаат нивната земја да го продолжи својот пат во правец кон ЕУ и НАТО и да се реши спорот, кој 27 години стоеше меѓу Македонците и Грците, вели Мас во пишаната изјава што до медиумите ја дистрибуира Амбасадата на Германија во Скопје.

Добро е, вели шефот на германската дипломатија, што по консултативниот референдум сега за договорот ќе се расправа во македонскиот Парламент.

- Ги повикувам сите политички сили во Скопје и во Атина, да ги искористат шансите на историскиот договор и да го спроведат договорот. Тој ги засилува добрососедските врски меѓу двете држави и придонесува за стабилноста на Западен Балкан. Исто така тој отстранува важна пречка за приближувањето на Скопје кон ЕУ и НАТО, истакнува Хајко Мас.