Свет
27. September 2016 - 9:34

Мас: Можни се правни мерки против социјалните мрежи во Германија

Германската Влада можно е да преземе правни мерки против Фејсбук и другите социјални мрежи доколку не ја засилат борбата против говорот на омраза или „исламистичките терористички фантазии“, изјави германскиот министер за правда, Хајко Мас.

Мас изјави дека Фејсбук, Твитер и Гугл се почесто и се побрзо ја отстрануваат нелегалната содржина од интернет, но дека на тоа поле е потребно уште многу да се поработи.

Социјалните мрежи реагираат главно на барање на владините организации, но приватните жалби не се земаат доволно во предвид, рече Мас, пренесоа британските медиуми.

-Од вкупната нелегална содржина што ја пријавиле корисниците, Твитер брише околу еден отсто, Јутјуб само 10 отсто, а Фејсбук 46 отсто, рече Мас, потенцирајќи дека тое е премалку.

Мас најави дека за преземање на следните чекори ќе се одлучува откако Владата во март следната година ќе ја заврши студијата за ова прашање, додавајќи дека не ги исклучува и правните мерки. Тој, меѓутоа, не прецизира кои точно мерки може да бидат преземени.