Македонија
16. November 2019 - 16:44

Марш на толеранцијата: Едукација без дискриминација

Малолетниците се најчести жртви, но и сторители на кривични дела од омраза, покажуваат податоците на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Тој факт, според нив, докажува дека младите немаат доволно свест, ниту толеранција за различните од нив по која било основа.

Единаесеттиот марш на толеранцијата е посветен на образованието и едукацијата на децата. Од Хелсиншки сметаат дека образовниот систем во земјава не го дава потребното за младите да ги надминат предрасудите и стереотипите, како би се намалил и бројот на инциденти и дела од омраза.

“Ние имаме ситуација кога децата и растат во една таква средина, која што ги напојува со стереотипи, со предрасуди и омраза кон другите, кои што се различни од нив. И сега наместо тие во образованието да го добијат спротивното, односно некој да ги поучи дека тоа не е во ред, тие и таму наидуваат на истата свест, на истиот пристап. И затоа нашот апел е насочен кон државата. Државата треба да се справи со тоа прашање, државата е должна да се справи со тоа прашање”, вели Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншки комитет за човекови права.

Невладините организации обвинуваат дека до сега ниту една власт не го третирала образованието сериозно, каде има недостиг од инвестиции како за образовната содржина, така и за подготовка на кадарот.

“Нашиот образовен систем е комплетно трул, комплетно нерелевантен и не го гарантира правото на образование под еднакви услови на сите. Овие деца учат по застарени содржини, кои што не ги припремаат за живот во едно еднакво општество, кое што треба да биде засновано на почитувањето на човековите права. Апелираме за сериозни инвестиции во образованието”, вел Драгана Дрндаревска од Коалицијата Маргини.

И додека во нашата земја се промовира “Едно општество за сите”, проект чија цел е да се изгради толерантно општество, овогодинешниот марш не доби поддршка на терен од политичките структури во земјава.