Свет
16. September 2017 - 9:42

Марони: Референдумите за автономија во Италија ќе ја променат Европа

Референдумите за поголема автономија на италијанските региони Ломбардија и Венето имаат иста тежина како и плебисцитите за Брегзит и за незавсност на Каталонија и тие ќе придонесат за „промена на лицето на Европа“, изјави синоќа ломбардискиот гувернер Роберто Марони.

За 22 октомври во Ломабрдија и во Венето се закажани референдуми на кои нивните жители треба да се изјаснат за поголема автономија на овие два најбогати италијански региони, што се наоѓаат во северниот дел на земјата. 

Според Марони, кој е поранешен министер за внатрешни работи на Италија и е еден од лидерите на автономистичката Северна лига, со добивањето на поголема автономија, Ломбардија и Венето ќе задржат 54 милијарди евра од даноците на нивните граѓани, кои сега одат во касата на Владата во Рим, а ќе добијат и поголеми овластувања во сферата на безбедноста и прашањата за миграцијата.

- Ова е многу амбициозен план. Прашањето не е дали ќе добиеме поголеми надлежности, туку сакаме да ја промениме историјата, а овој референдум ни нуди таква можност, порача Марони.