Македонија
28. August 2019 - 15:30

Марко Пејчиноски не го оствари подвигот, но испрати моќна порака, демонстрирајќи одлучност и борбеност како карактеристики за големи луѓе

Малиот Марко Пејчиновски не успеа во обидот да исплива 64 километри. Поради болки во ногата после речиси пет часа во вода и испливани 11 километри тој беше принуден да се откаже од намерата да го преплива целото Охридско Езеро.

Но, независно откажувањето, со самата негова намера да плива за подигување на јавната свест и поголема грижа за лицата со ретки болести испрати моќна порака, демонстрирајќи одлучност и борбеност како карактеристики за големи луѓе каков што е тој.

– Не ми е сеедно, но се чувствувам супер. Нема откажување. Им благодарам на сите што ме поддржуваа, со тоа добив уште поголема мотивација. Големата болка ме спречи во намерата, но тоа е. Покрај болката имаше и бранови и струења против мене, така што еден час пливав во место, изјави Марко Пејчиновски денеска пред медиумите кои го следеа овој негов храбар обид, притоа потенцирајќи го неговото мото дека нема откажување.

Гордана Лолеска од Здружението на граѓани со ретки болести „Живот со предизвици“ истакна дека во земјата моментално има повеќе од 450 лица со констатирана различна дијагноза на ретки заболувања.

– Борбата против ретките болести е индивидуална за секој пациент. Тоа што е најтешкото е што луѓето со ретки болести не сакаат многу да зборуваат за нивните проблеми, ниту пред камера, ниту да бидат повидливи, бидејќи голем број од нив се уште тоа го сметаат за стигма, рече Лолеска.

Што се однесува на грижата на општеството за нив, таа истакна дека многу тешко се набавуваат лекови за ретките болести, но активности како и оваа на малиот Марко придонесуваат да се направи исчекор во позитивна насока.

– Се прават набавки, се прават планови за набавки, листи за тендерски постапки, што е за поздравување. Но, се уште генерално тоа бавно се одвива, рече Лолеска, притоа повикувајќи ги сите лица што имаат проблеми од тој вид да бидат силни, да не се затвараат во себе и да проговорат за нивните лични битки.

Инаку, минатата година Марко Пејчиновски го преплива Охридското Езеро од Свети Наум до Охрид и стана најмладиот пливач во историјата кој успеал да направи таков подвиг. Неговиот подвиг е дотолку поголем што има доживеано инфаркт на коска на долните екстремитети.