Свет
4. July 2017 - 14:44

Марија Габриел избрана за еврокомесар за дигитализација

Европскиот парламент денеска ја избра Марија Габриел за нов европкомесар за дигитална економија и општество.

Таа е трет еврокомесар од Бугарија, со мандат до средината на 2019 година.

При тајното гласање денеска во Стразбур, „за“ изборот на Габриел гласаа 517 европратеници, 77 се изјаснија „против“, а 89 беа „воздржани“.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, по заминувањето на Кристалина Георгиева, досегашна еврокомесарка од Бугарија на висока позиција во Светска банка, бугарскиот премиер Бојко Борисов ја предложи Габриел, која е член на неговата партија ГЕРБ, за нов бугаркси претставник во Колеџот на комесари, а претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, му прелдожи на Европарламентот таа да го добие ресорот за дигитална економија и општество.

Комитетот за индустрија и истражување и Комитетот за култура и образование на ЕП, одржаа расправа со кандидатката за еврокомесар на 20-ти јуни. По евалуацијата на координаторите на комисиите, Конференцијата на претседателите на комитетите и Конференцијата на претседатели на законоданвиот дом на Европската унија, одлучи да го затвори рочиштето.

Следствено на ова, Европарламентот денеска го поддржа назначувањето на Марија Габриел.
 
Инаку, според описот на позицијата комесар за дигитална економија и општество, задача на Габриел ќе биде да  го поддржи спроведувањето на Стратегијата за дигитален единствен пазар и да придонесе за испорака на дигиталниот единствен пазар, помагајќи да се постават темелите за европската дигитална иднина со мрежи на ЕУ за проширување, дигитални услуги што ги преминуваат границите и бран иновативни европски нови претпријатија.
 
Досегашната европратеничка ќе треба да осигура и дека ќе бидат поставени вистинските услови, вклучително и преку законот за авторски права, за поддршка на културните и креативните индустрии и максимизирање на нивниот потенцијал за економијата.
 
Како што е предвидено од Евркомисијата, комесарот за дигитална економија и општество ќе придонесе кон проектите што ги води и координираа потпретседателот на ЕК, Андрус Ансип, кој е задолжен за дигиталниот единствен пазар, како и на потпретседателот Јирки Катаинен, задолжен за работни места, раст, инвестиции и конкурентност.

Предвидено е Габриел да ја преземе функцијата на редовната неделната седница на еврокомесарите идната среда.