Марија Габриел: Дезинформацијата е закана за демократијата | Сител Телевизија
Свет
26. April 2018 - 14:23

Марија Габриел: Дезинформацијата е закана за демократијата

Дезинформацијата е закана за демократијата, изјави денеска Марија Габриел, еврокомесарка за дигитална економија и општество при преставувањето на предлозите на Европската комисија за борба против лажни вести.

Таа објасни дека предлозите го штитат пристапот до објективни и квалитетни информации. Според неа, залог е довербата на граѓаните, меѓу другото, и во институциите.

- Даваме можност еднаш и засекогаш да се реши прашањето, ги повикуваме на одговорност оние кои се поврзани со процесот. Го задржуваме правото на дополнителни мерки, изјави Габриел по повод предлогот ова прашање засега да се решава на доброволна основа со изготвување на правила за дејствување за оние кои објавуваат информации.

Таа додаде дека слободата на изразување и информација е од витално значење за демократијата.

Европската комисија денеска предложи воведување доброволни правила за дејствување за онлајн платформите и медиумите во борбата со дезинформациите. Комисијата истакна дека ако овој предлог се покаже како недоволен, подготвена е да презентира и законски промени.

Според податоци на Европската комисија, дезинформациите до сега имале влијание врз изборите во 18 земји, а 83 отсто од Европејците гледаат на лажните вести како закана за демократијата. Европската служба за надворешна акција во последните три години спречила 3.900 случаи на пропагандни (неточни) соопштенија во заштита на тезите на Кремљ.

Комисијата истакнува дека „лажните вести“ се соопштенија кои не вклучуваат новинарски грешки, сатира или пародија, туку се злонамерно создадени за да влијаат на јавноста и да ја искриват вистината.

ЕК предлага пред се да се воведат можности за јасно разликување на изворот на информацијата, нејзината веродостојност и финансирањето на медиумите. Се предлага исто така за медиумската писменост да се предава и на училиште. На државите во ЕУ им се предлага да поддржуваат квалитетно новинарство и образование на новинари, како и да усвојуваат мерки за заштита на медиумите од предизвиците на пазарната средина. 

Комисијата од онлајн платформите очекува зајакната контрола врз рекламите на сајтовите кои шират пропаганда и дезинформации. Платформите ќе треба да воведат и ограничувања во политичките реклами и да отстрануваат лажни корисници. Се предвидува создавање широка меѓународна мрежа од експерти за проверка на податоци.

Се очекува новите правила да бидат изготвени до јули, а во октомври да бидат видливи првите резултати. Во септември ќе биде отворена меѓународна платформа за проверка на факти, а во декември ќе се направи оценка дали денешните предлози се доволни.