Македонија
23. March 2021 - 17:27

Маричиќ: Почетокот на преговорите со ЕУ ќе донесе само позитивни промени

Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска во Брисел одржа брифинг со  Центарот за европска политика (ЕПЦ)  каде го повтори ставот на Владата дека постои разочарување поради повторното блокирање на почетокот на преговорите со Македонија, но и дека земјата нема да се откаже од европскиот пат, соопшти Министерството за правда.

Според министерот за правда, проблемот со Бугарија може да се реши само преку заемно почитување и со европско однесување. Доколку се има искрен пристап и однос кој не е потценувачки за никого, договор и одблокирање на процесот е можен, наведува Министерството за правда.

Маричиќ, како што стои во соопштението,  информирал и за длабоките реформи кои се спроведуваат со цел враќање на довербата на граѓаните во правната држава.

На брифингот, се посочува, Маричиќ говорел и за претстојниот попис и за неговото огромно значење за државата.

-Министерот кажа дека првата фаза од попишувањето заврши успешно и оти за неколку денови, односно од 1 април ќе почне и успешно ќе се спроведе главната фаза на статистичката операција. Тој кажа дека Македонија немала попис веќе 20 години, а таа состојба повеќе е неиздржлива. Маричиќ информираше дека државата ќе го заврши пописот, стои во соопштението од Министерството за правда.