Македонија
31. March 2021 - 20:08

Маричиќ: Ќе завршевме со законот за попис вечерва ако немаше мала политизација

Имавме долга координација во Собранието меѓу пратеничките групи, Владата и претседателот на Собранието. Скоро сите пратенички групи се согласни дека час поскоро треба да се усвои законот за попис. За жал, не успеавме вечерва да се договориме, благодарејќи на една од опозициските пратенички групи, рече вечерва министерот за правда Бојан Маричиќ, во гостување во Тема на денот на Сител Телевизија.

Како што рече Маричиќ, ако немало мала политизација, се ќе било завршено вечерва. Утре би требало, додаде, на седница, ако спикерот Џафери закаже, законот да се најде на дневен ред и да биде донесен во најскор можен рок. Предложен е во скратена постапка и со европско знаменце, повтори министерот, што значи дека повеќе од два или три дена не може да трае постапката за негово усвојување.

Маричиќ потсети дека пописот, според постојниот Закон, треба да почне утре, а ако попишувачите излезат на терен и соберат некакви податоци, тие ќе бидат земени предвид.

-Тоа е прашање за Државниот завод за статистика и доколку го следат словото на Законот треба да се почнат определени активности. Какви активности и да се преземат, тоа ќе биде нивна проценка од практичен аспект, но кои активности и да бидат преземени тие ќе имаат важност за целиот процес, така што доколку почнат со попишувачки активности утре тоа ќе значи дека тие податоци ќе важат исто како што важат тие за дијаспората досега. Нам ни е целта суштински да го направиме пописот. Жалиме што не успеавме вечерва да се донесе законот, но јас верувам дека ова одлагање од неколку дена нема да пречи на целиот процес, бидејќи сите партии во Собранието се согласни, со исклучок на Алијанса на Албанците и Алтернатива, истакна Маричиќ.

Според него, без разлика која е определбата на која било пратеничка група, утре се очекува да се отвори седницата на која ќе се најде законот, но сепак, тоа зависи од претседателот на Собранието.

-Денеска не беше блокада на законот, барем јас така не го разбрав. Координацијата беше дали е возможно, дали постои договор процедурата да почне вечерва, сите чекори да се изодат и пред 00.00 часот да се донесе законот за од утре да важи. Сите технички забелешки се исправени во текот на координацијата во рок од два часа, ја доставивме целокупната документација и се што бараше Собранието. Нема технички пречки да се најде законот на седница, а поради начинот на кој е предложен, со евроспко знаме и по скратена постапка, нема можности за долготрајни блокади, подвлече Маричиќ.

Министерот вели дека навреме биле отворени прашањата за сите чинители да се вклучат во пописот.

-Епидемиолошката слика заедно со протоколите за попиост беа навреме донесени. СЕ надевавме и очекувавме бројките да се намалат за да може пописот да почне на 1 април и ќе почнеше ако не дојдеше иницијативата за лидерска средба. Од таа средба произлезе, заради епидемиолошката состојба и за да се овозможи целосна поддршка од опозицијата, одложување на операцијата. Мислам дека тоа е добар чекор за нас зашто овозможивме без политички предрасуди сите да учествуваат во пописот. Почнавме со многу дилеми, но драго ми е што денеска единствената дилема е епидемиолошката. Иако може да се чини дека задоцнивме, сепак мислам дека навреме реагираме и ќе завршевме и вечерва ако пак немаше одредена мала политизација. Но,  ќе завршиме за неколку дена се надевам и ќе бидеме уште поподготвени во септември, напомена Маричиќ, додавајќи дека сите досега преземени чекори остануваат во важност.

Ниту се почнува од ново, потенцира, ниту прекинуваме. 

.