Бизнис
15. July 2017 - 18:14

Маратонски заседанија на собранието - Од понеделник на дневен ред ребаланс на буџетот

Маратонски викенд за пратениците во Собранието. Продолжува расправата  по Предлог завршната сметка за Буџетот за 2016. Синоќешната седница која траеше дури  до 4 часот наутро, денеска продолжи со меѓусебни реплики на пратениците од опозицијата. Џафери претходно ги предупреди  дека за секоја побарана пауза од 1 час, ќе одработат после 18 часот.

На продолжената седница пратениците на ВМРО ДПМНЕ повторно потенцираат дека минатата година се работело домаќински со оглед на тоа дека земјава три години е во голема политичка криза. Зголемен е извозот, странските директни инвестиции и намалена е невработеноста.  Зголемени се платите пензиите и социјалната помош.

За СДСМ пак завршната сметка покажува нерационални трошења. Министерот за финансии во експозето наведе дека стапката на економски раст од 2,4 отсто лани е најниска стапка во регионот. Според Тевдовски има позитивни проекти како изградбата на патната инфраструктура но и многу непродуктивни трошења. Во попладневната седница пратениците на СДСМ воопшто не се јавуваат за збор.

Талат Џафери покрај утринскиот лист на кој пишуваше „Тишина Ве молам“ ноќеска постави два нови цртежи за пратениците “Забрането спиење на пратеници” и “ Не е препорачливо да го будиш заспаниот лав.” За ова денеска пишуваат и регионалните медиуми.

Инаку Ребалансот на Буџетот во понеделник треба да влезе во Собранието. Пратениците имаат право најмногу 10 дена да дебатираат. Според првичните информации од новата опозиција предводена од ВМРО ДПМНЕ, се очекуваат  голем број на поднесени амандмани.