Македонија
7. July 2017 - 20:57

МАНУ ќе соработува со Владата за сите клучни прашања за државата (ДПЛ)

Премиерот Зоран Заев во придружба на министри од Владата денеска ја посети Македонската академија на науките и уметностите и од претседателот на МАНУ Таки Фити се информира за работата на Академијата која годинава одбележува 50 години од основањето. 

МАНУ во дописот до медиумите информира дека Фити искажал целосна подготвеност за соработка со Владата по сите клучни прашања во областите на науките и уметностите, како и со давање експертска поддршка на патот кон евроатлантските интеграциски процеси и развојот на државата. 

- Фити посебно истакна дека во соработката МАНУ секогаш инсистирала на почитување на нејзината самостојност, загарантирана со Законот за МАНУ, информира Академијата. 

Претседателот на Владата истакнал дека од МАНУ очекува  да се вклучи во сите процеси на изнаоѓање најдобри решенија за подобри перспективи за државата.

- Премиерот Заев, во своето обраќање до академиците потенцира дека Владата е отворена за соработка и дека почитувајќи ја самостојноста на Академијата како највисока научна и уметничка институција во земјата, очекува МАНУ со сите свои капацитети, со критички однос, да се вклучи во сите процеси на изнаоѓање најдобри решенија за подобри перспективи за државата, особено во областите на образованието, науката, економијата, животната средина, но и во сите други значајни аспекти за идниот развој на Република Македонија, пишува во соопштението од МАНУ.

Како што соопшти владината служба за информирање премиерот Заев  истакнал дека во оваа фаза од развојот, согласност на принципите за инклузивност, на Република Македонија ѝ треба знаењето и мудроста на сите нејзини граѓани, а особено научните работници во МАНУ. Изразил длабоко уверување дека академијата има потенцијали кои можат да бидат значаен дел од успехот што треба да го постигне  Македонија по кризниот период во сите области.

- Премиерот Зоран Заев укажа на фактот дека Република Македонија има исклучителна поддршка од Европската Унија и од останатата меѓународна јавност и оти оваа историска прилика е мотивација и за научните работници во МАНУ да бидат дел од процесите кои од Македонија ќе направат уште една успешна европска и регионална приказна, се вели во соопштението. 

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, пак, укажал на подготвеноста и отвореноста за учество на академијата и на одделни нејзини членови во имплементација на Планот 3 – 6 – 9 како стратешки патоказ за реформи кој има за цел да ја отстрани условеноста на препораката за преговори со ЕУ.