Македонија
4. July 2017 - 16:17

Манојловски и натаму бара легализирање на хомосексуалните бракови - бурни реакции од партиите и јавноста

Пратеникот од ДУИ Бранко Манојловски останува на ставот дека треба да се легализираат истополовите бракови во земјата. Во своето денешно појаснување за причините за ваквиот негов став, вели дека хомосексуалците треба да ги имаат истите права како и хетеросексуалците, по примерот на САД, земјата во која живеел и работел повеќе од 4 децении.

Дел од неговите сопартијци, зад камерите рекоа дека се работи за негов личен став, а не за официјален став на ДУИ.

Од ВМРО ДПМНЕ велат дека на Македонија не и требаат никакви експерименти со исто полови бракови или посвојување на децата без родители од страна на двојки од ист пол.

Барањето за легализирање на браковите меѓу хомосексуалци е неприфатливо и за движењето БЕСА.

Остра реакција на барањето за легализирање на истополовите бракови имаше и потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири, кој на својот Фејсбук напиша неколку цитати од Куранот.

Генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски вели дека ставот на  Зекири е негов личен, а не партиски став. Според него, Фејсбук профилот е приватна сопственост и секој има право да пишува она што ќе реши дека сака. Официјалните партиски ставови се градат во органите и телата на партијата и кај највисокото раководство.

Барањето за легализирање на правата на хомосексуалците е целосно неприфатливо и за македонските граѓани.

Од друга страна пак, ЛГБТ Центарот за поддршка и Хелсиншкиот комитет целосно ги осудуваат хомофобичните изјави на некои од актуелните пратеници. Според нив со ваквиот дискриминаторски говор и говор на омраза се деградира  оваа заедницата, спротивно на реформската насока на политичко делување за која се залагала новата влада.